Македонија
(Видео) Мицевски до владејачкото мнозинство: Активната блокада е излез од националната катастрофа

„Денешната пленарна седница е закажана за 11 часот, сега е 12.40 часот, а во согласност со член 84 став 1, вели: седницата на Собранието почнува со работа на закажаниот термин со присутните пратеници. Тоа значи дека еден час и 40 минути, време потребно за дискусија, за која молите и држите прес-конференции и повикувате вие и претседателот на Владата и пратениците, го злоупотребувате и не почнавме на време. Па, вам, почитувани колеги пратеници од власта, не ви треба активна блокада, вие самите се блокирате“, нагласи Никола Мицевски, координатор на пратеничка група предводена од ВМРО-ДПМНЕ на денешната пленарна седница.
Мицевски додаде дека два часа од денешната седница се потрошија чекајќи ги пратениците од власта да се соберат.
„Доцниме два часа од почетокот на седницата, на која цела недела убедувате дека пратениците треба да присуствуваат, дека не е потребна блокада. Па, вие сте блокадата на државата. Вие сте тие што го кочите работењето на овој парламентарен дом“, истакна Мицевски.
Посочи дека активната блокада што ја имаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа.
„Повикуваме на избори, кои ќе бидат излез од оваа криза што вие ја продуцирате. Ова е она што граѓаните, односно народот во државата го бара. Активна блокада за спас од национална катастрофа! Активна блокада за спас од понижувањето што го правите! Активна блокада за спас од лицемерството што му го покажувате секојдневно на граѓаните! Активна блокада за спас на економијата! Активна блокада за спас на енергетиката! Активна блокада за спас на земјоделците! Активна блокада за спас на сите граѓани! Национална катастрофа сте вие, ова што се случува во државата е национална катастрофа“, порача Мицевски.
Укажа дека пратениците од владејачкото мнозинство треба да почнат да си доаѓаат на време на седниците.
„Ние ќе бидеме активно присутни тука, ќе бидеме присутни за сите штетни политики што планирате да ги спроведете за да ги спречиме. Затоа што граѓаните и Македонија го бараат тоа. Активната блокада е излез од националната катастрофа што вие ја приредувате во нашата држава“, нагласи Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.