Македонија
За еден ден санкционирани над 200 пешаци
Во Македонија вчера беше спроведена акциска контрола за прекршоците што ги прават пешаците, при што беа изречени вкупно 230 мерки, меѓу кои 194 за небезбедно преминување на улица надвор од пешачки премин, 28 за непочитување на светлосните сообраќајни знаци или знаци што ги дава полициски службеник, шест за движење или непотребно задржување на пешакот на коловоз, две за некористење тротоар или друга површина наменета за движење на пешаците.
За време на контролата регистрирани се и 129 други прекршоци, велат од МВР.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадинова: Арсовска, и по неколку месеци, не одговара на иницијативите од општините доставени до Град Скопје
Советничката во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Костадинова, во своето излагање на седница на Советот на Град Скопје ѝ се обрати на градоначалничката Данела Арсовска укажувајќи дека за спроведување на иницијативите поднесени од општините се чека и неколку месеци.
„Јас барав прашање и од службите, односно од раководителот за урбанизам. Зошто одлуката уште не е ставена како точка на дневен ред за ослободување од комуналии на ОУ ‘Невена Ѓорѓиева-Дуња’, на градинката ‘8 Март’ и на ОУ ‘Кирил Пејчиновиќ’, јас добив одговор дека раководителката на одделение била на боледување цели 2 месеца“, истакна Костадинова.
Таа додаде дека сега бргу побргу, по Законот за измена на градежното земјиште, се ставила оваа точка на дневен ред.
„Кога имаме ние Закон за градежното земјиште и немаме потреба да ја чекаме градоначалничката Арсовска да ни ги одобри одлуките што со нетрпение ги чекаат градоначалниците за да им помогнат и да ги подобрат условите во училиштата и градинките“, заклучи Костадинова.
Македонија
Марковска-Илиевска со порака до Арсовска: Не може да не се почитуваат законите и да не се реализираат програмите
„Уште на првата седница кога разговаравме за извештаите укажав на некои суштински, а не само на технички грешки. Еден час да немате реализирано програма, да немате формирано во некои од училиштата ученички заедници, да имате најавено активности, а да не ги реализирате, тоа е нефункционална ученичка заедница“, јасно истакна советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Анета Марковска-Илиевска, на денешната седница за советнички прашања обраќајќи ѝ се на градоначалничката Данела Арсовска во контекст на реализирање на програмите усвоени од Советот.
Марковска-Илиевска во своето обраќање посочи за низата неправилности што се случувале во делот на реализација на програмите за работа во одредени училишта. Дополнително, додаде дека Инспекторатот ќе проверува дали и колку е извршена реализација. Напомена дека нема да дозволи да се врши злоупотреба и од таа причина нема да гласа.
„Во делот на спортските активности, односно тимовите, да немате реализирана програма. Да си назначувате претседател на училиштен одбор на наставнички совет е кршење на законот и повлекува кривична одговорност. Ве молам, не се работи за технички грешки, се работи за суштински грешки и од таа причина онаму каде што нема реализирано програма, нема да гласам“, децидна беше Марковска-Илиевска.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Македонија со јачина од 3 степени
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 13 часот и 09 минути, регистрира земјотрес чиј епицентар се наоѓа на132 km југоисточно од Скопје, во епицентралното подрачје Валандово со Рихтерова локална магнитуда ML3.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во југоисточниот дел на државата со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.