Македонија
Билбиловска: Нема да се гради никаков објект на фудбалското игралиште во дворот на ООУ „Киро Глигоров“
Изминатите неколку дена фудбалското игралиште во ООУ „Киро Глигоров“ е актуелно во јавноста за договорот за отстапување да го користи приватна компанија.
Директорката на училиштето, Билјана Билбиловска, во изјава за „Мафакс“ вели дека не се вистина тврдењата оти на игралиштето ќе се гради кафе-бар или некаков друг придружен објект.

„Никакви други дополнителни дејности, како кафе-бар, не се во договорот ниту, пак, некогаш биле предмет на дискусија. Во нашата работа интересот на децата ни е секогаш на прво место. Оттука, сметам дека навистина е неблагодарно да се доведуваат во заблуда родителите за изградба на некаков објект во училишниот двор, уште повеќе тој објект да биде кафе-бар, ресторан“, вели Билбиловска.
Таа нагласи дека училишниот двор останува отворен 24 часа секој ден.
„Игралиштето за време на наставата ќе го користат исклучиво учениците и наставниот кадар за часовите по физичко образование и за воннаставните активности. Од 15 до 18 часот ќе биде на слободно користење за сите деца, ученици на училиштето, сами или во придружба на нивните родители, во зависност од нивната возраст. По 18 часот, ќе се издаваат три термини на корисникот ‘Форца спорт ДД’ ДОЕЛ Скопје. По 21 часот, фудбалското игралиште ќе биде затворено сè до почеток на наставата во 8 часот“, рече Билбиловска за „Макфакс“.
Таа објасни дека договорот за користење на фудбалското игралиште предвидува давање простор на користење – отворено бетонско игралиште за фудбал, кое ќе се користи за реализирање спортски активности за време од 5 години со вложување, односно инвестирање над 10.000 евра. кое ќе биде реализирано во првите две години по план за инвестирање, кој се состои од набавка и поставување метална ограда, вештачка трева, заштитна мрежа, мрежа за головите, голови, набавка на потрошна инвестиција, сите претходно наведени на терет на корисникот.
„Целокупната постапка е спроведена на начин на кој се почитувани сите важечки закони и подзаконски акти што важеле во моментот на склучување на договорот и за чие склучување се потребни претходно обезбедени согласности во 2021 година“, објасни таа.
Директорката на училиштето потенцира дека училиштето останува отворено за комуникација со сите родители и деца што посетуваат настава тука. Додаде дека за таа цел, во договор со родителите, ќе работат на допрецизирање на постојниот договор имајќи предвид тој да биде во интерес, пред сѐ, на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

