Македонија
Мисајловски: Остануваме активни во Собранието за да ja разобличиме власта
Во минатото секој штетен закон што беше во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ го блокира. Така и ќе продолжиме. Овој пат многу закони што ќе дојдат на дневен ред, точно, ќе бидат блокирани, но она што е добро ќе оставиме да помине. Имаме девастирано здравство, имаме многу лоша економија, немаме ниту една капитална инвестиција ниту, пак, странска инвестиција од оваа Влада, имаме штрајкови во образованието, имаме штрајкови кај сите работници, незадоволство од платите, имаме ценовни трошоци и така натаму. Да не зборувам за енергетските кризи, да не зборувам и за пандемијата и за сè она што се случува, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Владо Мисајловски, од теренската активност за пуштање во употреба училишна спортска сала во општина Гази Баба одговарајќи на новинарски прашања.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ понудила рака на власта за помош за излез од кризите што ја зафатија Македонија, како и за преговорите што ги водат со соседна Бугарија, со која се договараат далеку од очите на јавноста зад затскриени врати.
„Ние прво нешто што направивме е понудивме рака, понудивме рака да седнеме да помогнеме, ние размислуваме со понуда да помогнеме. Јас навистина мислев дека кога СДСМ велеше дека ја сфатиле пораката од граѓаните дека, конечн0,о ќе бидат поинакви, не се поинакви. Со доаѓањето на Ковачевски како премиер мислев дека повеќе рациото ќе преовладува и дека треба да седнат со опозицијата да разговараат за суштествени теми, за најважните теми, како што се овие економски кризи и енергетски кризи, да не зборувам за оние работи што се од стратешки интерес, како што е договорот со Бугарија, што го тераат под маса, затскриено и никој од јавноста не може да го види. И сега наеднаш се нервираат и се многу нервозни зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се активни. Тоа ни е работа и ќе бидеме активни и сакаме секој еден во државата да разбере што се случува“, рече Мисајловски.
Додава дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат активни во Собранието со цел да ги спречат сите штетни закони што мнозинството сака да ги протне и јавноста да дознае дека тие не поднесуваат економски закони за добросостојба на граѓаните, туку поднесуваат закони за да си ги полнат сопствените џебови, како што беше законот за формирање посебна лотарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

