Македонија
Мицкоски: Се срамам од однесувањето на Талат Џафери и молкот на Ковачевски за навредите кон вработените во Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски во однос на однесувањето и пцовките на Талат Џафери и отсуството на реакции од страна на владата денеска истакна дека се срами што воопшто познава таков човек поради природата на својата работа и нагласи дека со своето однесување Талат Џафери ги навредил мајките на вработените во собранието кои се и Македонци и Албанци и Власи, Турци, Срби и не разбира зошто Ковачевски јавно премолчува и нема реакција.
„Па се срамам што го познавам тој човек вака да ви кажам отворено, се срамам што ете така животот ме натерал да го запознам тој човек и навистина не можам да го разберам што е тоа толку што го држи Ковачевски при уши глув при очи слеп да мора јавно да го премолчува, што е тоа што го има заробено а да го трпи овој срам и ова понижување и тој лично но и граѓаните. Бидејќи таму се навредува мајката на вработените кои што можеби се Македонци кои што се Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци не е битно тој така ја навредува мајката. И тоа така помина. Ниту одговорност, ниту некој нешто кажа, ниту пак медиумите тоа вака морам да признам го ставија на едно високо ниво, ако некој човек има проблем со себе, и со својот нервен систем има посебни институции кои што се грижат за тоа, парламентот и вработените таму не се место каде што некој треба својот нервен систем да го лечи. Така што еве ќе завршам како што и почнав се срамам што воопшто познавам такви луѓе во мојот живот поради природата на мојата работа“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.