Македонија
Комунална хигиена собра 105 кубни метри кабаст отпад и расчистува голема дива депонија во општина Центар
Пролетната работна акција на Град Скопје со екипите на јавните претпријатија и во координација со Општина Центар, успешно се спроведе на целата територија на оваа општина.
Од почетокот на работната акцијата за чистење на општината Центар во специјалните садови, што на пет локации ги постави ЈП Комунална хигиена, досега се одложени околу 105 кубни метри кабаст отпад коишто се подигнати и транспортирани од екипите на претпријатието. Екипите на ЈП Комунална хигиена секојдневно рачно и машински ги метеа и миеја булеварите, улиците, сите автобуски постојки, а извршија и дезинфекција на надземните и на подземните контејнери поставени во оваа општина.
Во рамките на акција за генерално чистење на општината Центар, екипите на ЈП Комунална хигиена започнаа да отстрануваат и обемна дива депонија лоцирана под Скопското кале.
Теренски екипи на ЈП Паркови и зеленила во општина Центар денеска искастрија шест дрвја врз основа на издадено Решение на улиците Борка Талевски и Питу Гули. Со акцијата на чистење и уредување на јавните зелени површини по должината на булеварите и градските улици во оваа општина беа опфатени улиците: Пролет, Никола Карев, 11ти Октомври, Св.Кирил и Методиј и Васил Ѓоргов, како и булеварите Кочо Рацин, Св.Климент Охридски и Гоце Делчев. Со акцијата се реализираа и интервенции на обликување и кастрење на вкупно 30 дрвја по издадени Решенија од Секторот за Комунални работи на Град Скопје.
Во пролетната работна акција во општина Центар екипите на ЈП Улици и патишта санираа ударни дупки на улицата Даме Груев, булеварот Гоце Делчев, улица Френклин Рузвелт и улицата Даме Груев, со вкупна површина од 110 квадратни метри и ја санираа и нивелираа канализационата шахта која беше со големо оштетување на улицата Димитрие Чуповски.
Одговорните екипи за одржување на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници во централното градско подрачје ги обележаа такси станиците на улицата Димитрие Чуповски кај Триумфалната порта, на излезот од ГТЦ, на улица Аминта Трети, на улица 11ти Март и на булеварите Крсте Петков Мисирков и Мајка Тереза, со вкупен капацитет на 43 возила. Екипите што ја одржуваат светлосната сигнализација на крстосниците во градот монтираа вкупно 36 уреди за звучна сигнализација за лица со нарушен вид (звучни сигнали на семафорите) на крстосниците булевар Мајка Тереза со улица Јордан Мијалков, улица Димитрие Чуповски со улица 11ти Октомври, бул.Партизански одреди пешачки премин „Сити Мол“, бул.Илинден кај Матична служба и на ул. Димитрие Чуповски пешачки премин „Рекорд“ и булевар Кочо Рацин со улица 11ти Октомври. Екипите ги санираа и недостатоците на семафорите и тоа на крстосниците на ул.11ти Октовмри со бул.Климент Охридски, бул.Гоце Делчев со ул.Стив Наумов, бул. Крсте Петков Мисирков со бул.Гоце Делчев, крстосницата на Кочо Рацин со Кеј 13ти Ноември и на крстосница булевар Мајка Тереза со улица Јордан Мијалков. На семафорите се заменети оштетените сенила и монтирани нови сенила за црвени и зелени пешачка лантерни.
Екипите на ЈП Водовод и канализација во текот на работните активности во оваа општина на улицата Јордан Мијалков изврија контрола на 24 шахти, рачно се исчистени 20 шахти, 24 сливници, миење на канализациона линија од 310 метри со цистерна со вакуум 3 и прочистување на 320 метри со цистерна под притисок. На булеварот Илинден извршија контрола на 7 шахти, рачно се исчистени 7 шахти, 23 сливници, миење на канализациона линија од 440 метри со цистерна со вакуум и прочистување на 160 метри со цистерна под притисок. Екипите на претпријатието во општина Центар за време на акцијата на терен вршеа рачно чистење на сливници, на шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и на фекалните сливници и шахти.
Тимовите на ЈП Лајка во рамките на акцијата постапуваа на четири клучни локации во општина Центар, односно кај ГТЦ, на улица Македонија, Плоштад Македонија и околу градскиот стадион Тоше Проевски и заловија 6 кучиња.
Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција го примаше,складираше и го депонираше комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што беа собрани на територијата на општина Центар.
Град Скопје заедно со јавните претпријатија и во координација со Општина Центар пролетната акција ја спроведуваше од 9 до 13 мај на територијата на целата општина. Следната општина во која ќе се спроведува ваква акција е Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

