Култура
Костадиновска-Стојчевска: Монодрамата е предизвик и искушение дури и за најдобрите актери
Градот на конзулите бил, е и ќе биде достоен домаќин на многубројни врвни културни настани, меѓу кои е и овој Интернационален фестивал на монодрамата, порача вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на отворањето на Фестивалот на монодрамата во Битола.
Во 7-те фестивалски денови на сцените на Центарот за култура и Битолскиот народен театар публиката ќе има можност да проследи монодрами со учесници од 11 земји.
„ Многу врвни актерски имиња не си дозволиле да стапнат на чувствителниот „терен“ на овој специфичен театарски жанр. Веројатно зашто на монодрамата е полесно да ѝ се даде дефиниција отколку да ја изведете и да го задржите вниманието на публиката – особено по овој период во кој доживеавме многу монодрами во пандемичниот живот на дистанца. Затоа да им подариме достојно внимание, бидејќи монодрамата е предизвик и искушение дури и за најдобрите актери “, порача министерката за култура.
На крајот, министерката Костадиновска-Стојчевска на сите учесници на фестивалот им посака убави фестивалски денови исполнети со многу аплаузи.
23. Интернационален фестивал на монодрамата во Битола кој годинава се одвива под мотото „Помеѓу“, свечено беше отворен со претставата „Само глас“ на Македонскиот народен театар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.
Култура
Лозано, Пајак, Сашко Коцев… денес во Градски парк како дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“
Во рамки на кампањата на „Макпетрол“ за спречување на врсничкото насилство, во Градски парк денеска ќе се одржи отворен настан наменет за деца, млади, родители, баби, дедовци…
Диџеј Боно, Сашко Коцев, „Биби и Боби“, Лозано, Пајак, Весна Петрушевска со децата од нејзината актерска школа, како и други гости, ќе бидат дел од програмата на оваа забавна дружба што е дел од кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, а за најмладите ќе има интерактивни содржини и популарни игри.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, вели дека се пресреќни што во текот на нивната општествено одговорна активност добиле многу поддржувачи.
Почнувајќи од децата и младите, од кои добивме впечаток дека им е навистина мило што, конечно, така отворено и толку гласно, се зборува за проблем со којшто тие секојдневно се соочуваат. Секако, тука се и општините, кои ја препознаа вредноста на нашата идеја и активно се вклучија во обезбедувањето услови за учениците да се здобијат со знаења за булингот. Наставниците, стручните служби, како и родителите, исто така, застанаа зад кампањата и помогнаа фокусот на јавноста да се сврти кон врсничкото насилство. За да се реши проблемот со булингот потребна е уште работа и посветеност, но веруваме дека и со позитивната енергија од нашиот настан, ќе придонесеме да се придвижиме во вистинска насока, истакнува Јосифовска-Спасовска.
Како што информира организаторот, на кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ досега се приклучиле 24 општини и за сите нив „Макпетрол“ обезбеди едукативни материјали и работилници предводени од психолог со долгогодишно искуство за проблемот со булингот.
Култура
Утре, бесплатен влез во музеите
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото со кое утре ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, датум кој музејските институции во светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден музеите во земјата традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, кои може да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени.
Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е урврден од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ, со седиште во Париз.