Економија
НБРМ: Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8% во 2022 година
Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции.
Со руската инвазија врз Украина и санкциите кон Русија се влошија веќе нарушените глобални синџири на снабдување, енергетската криза и пазарите на примарни производи, предизвикувајќи ценовни притисоци и голема неизвесност за глобалните економски изгледи. Пандемијата и понатаму е важен фактор за економските и за инфлациските изгледи. Со оглед на продолжените ценовни притисоци под влијание на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени, со што се забрзува инфлацијата, се создаваат одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и се менуваат инфлациските очекувања, Народната банка по направената измена кај инструментот задолжителна резерва, во два наврати ја зголеми основната каматна стапка за по 0,25 п.п. Притоа и натаму ги користи монетарните инструменти за оптимално управување со ликвидноста.
Тековните согледувања за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомвриските оценки. Имено, и оваа и следната година се очекува побавен раст на македонската економија отколку во 2021 година. Се очекува економски раст од 2,9% во 2022 година, по што ќе следи раст од 3,6% во 2023 година. И натаму се очекува позитивен, но поумерен придонес од домашната побарувачката, главно поради послабиот придонес од потрошувачката на домаќинствата, додека нето-извозот ќе има негативен придонес. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година (во согласност со октомвриските оценки), беше соопштено.
Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8% во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. Следствено, за 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3%. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2%, во просек, во согласност со октомвриските очекувања.
Во услови на ескалација на геополитичките тензии, нови нарушувања на синџирите на снабдување и натамошен раст на цените на примарните производи на светските берзи, оцените за надворешната позиција на економијата во рамките на овој циклус проекции се понеповолни, посочуваат од НБРМ. Среднорочната проекција на билансот на плаќања упатува на повисок дефицит во тековната сметка за периодот 2022 ‒ 2024 година, главно поради сè повисоките цени на сите примарни производи, особено од цените на енергенсите. Во рамките на најновите проекции, за 2022 година се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8% од БДП. Основен фактор за ваквите поместувања во тековната сметка се движењата во размената на стоки и услуги, конкретно влошувањето на трговскиот дефицит, со умерен придонес и на намалениот суфицит кај услугите. Согласно со очекувањата за нормализирање на состојбите во глобалната и во домашната економија во 2023 година, предвидено е дефицитот на тековната сметка да се стесни до 4,5% од БДП, согласно со проектираното стеснување на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За 2024 година, се очекува дека дефицитот во тековната сметка дополнително ќе се намали и ќе се сведе на 2,3% од БДП, слично ниво како и во претпандемичниот период. Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекциите.
Во првиот квартал од годината, како што соопшти НБРМ, кредитната активност на банките имаше важна улога во поддршката на економијата, во услови на натамошен приспособлив карактер на монетарната политика и стабилен банкарски систем. Иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Притоа, за целата 2022 година кредитниот раст би изнесувал 7,7%. На среден рок се очекува солидна кредитна поддршка, па за периодот 2023 ‒ 2024 година би изнесувал 7,6%, во просек (непроменето во споредба со октомвриската проекција). Се очекува поумерен раст на депозитите за целиот период на проекцијата. Така, за 2022 година растот на депозитите ќе изнесува 5,0%, а во следниот период се очекува негово умерено забрзување со што би достигнал 7,5%, во просек, во периодот 2023 ‒ 2024 година.
Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Oцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни. Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви. Народната банка постојано го следи развојот на настаните, како и потенцијалните ризици за домашната економија како од надворешното окружувањето, така и од домашните фактори, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку е неопходно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

