Македонија
Мицкоски најави и можни протести како дел од следите чекори на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не сакаше да открие кои се следите чекори по блокадата на Собранието. Тој смета дека јавноста треба да почека, бидејќи ако сега се открие, нема да треба да има состанок на Извршниот комитет на партијата. Она што е сигурно според Мицкоски, е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го напуштат Собранието.
Еден од следните чекори се и можни протести.
„Нели според СДСМ и ДУИ нема блокада, ја совладале блокадата? Јас така знам, тие така велат. Ама затоа секаде каде што одат по амбасадите коленичат и цимолат дека ВМРО-ДПМНЕ им го блокирало Собранието, па уште не ја говорат вистината и велат дека тоа било некаков бојкот, па мислат дека ние ќе го напуштиме Парламентот, нешто што најмногу го сака Зоран преку Ковачевски и Талат Џафери, за да можат сè да си поминат онака, сè она што е против интересите на народот и граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ го блокира. Ние кажавме сè што е за интересот на граѓаните, народот, интересот на Македонија, повисоки плати и пензии, субвенции, помош, ќе поддржиме. Сè што е спротивно на интересите на граѓаните и народот ќе блокираме“, рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за изборот на уставни судии: „Имате предлог кој е кабинетски службеник на поранешен министер за здравство и во животот нема една минута стаж, а треба да биде уставен судија. И еден добар и слеп послушник кој пет години не гукна, бекна за Зоран Заев и власта и сега треба да добиеме како Кацарска стана уставен судија, така уште двајца такви да станат уставни судии. Тоа треба да го поддржуваме и да се правиме слепи при очи и глуви при уши? Нема, ќе го блокираме“.
Мицкоски апелираше до Владата заемот од Светска банка за реконструкција во општините да го стави на дневен ред на следна седница и да го гласаат сите.
„Тоа е за граѓаните, 63 милиони евра. Тоа нема да го враќа Ковачевски и Али Ахмети од џеб, тоа вие ќе го враќате граѓаните. Вас ви треба нов асфалт, водовод, канализација. Тие имаат, големи хациенди, убаво комфорно живеат“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.