Македонија
Тренчевска во Битола: Грижата за ранливите граѓани е наш приоритет

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во денешната посета на Општина Битола беше во посета на установи од детска и социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Како што информираат од ресорното министерство, во Битола функционираат две јавни установи. ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“, со 9 објекти и капацитет од 700 деца, сите реновирани изминатиот период и целосно нов објект во с. Кравари – за 40 деца.
За време на пандемијата согласно препораките за адаптирање на дополнителен простор за згрижување на деца, капацитетот е проширен за дополнителни 3 занимални и опфат на 150 деца, со цел да се излезе во пресрет и на децата и на родителите.
ЈОУДГ „Мајски цвет“ е втората предучилишна установа од оваа општина, која има 7 објекти со капацитет од 650 деца, сите објекти изминатиов период се и внатрешно и надворешно реновирани, 1 објект има целосна реконструкција.
Тренчевска нагласи дека вложувањето во квалитетен ран детски развој е од големо значење за целокупниот понатамошен развој на младите.
„Вложуваме и во зајакнување на компетенциите на стручниот кадар во детските градинки. Како Влада и Министерство градиме систем за постојан раст на платите, согласно растот на трошоците на живот и просечната плата. Воспитувачките и негувателките ја имаат една од најблагородните професии, тие ја креираат нашата младина, која е иднината на нашата држава“, рече министерката.
Таа го посети и Домот за доенчиња и мали деца во Битола, кој со трансформацијата вклучува: Центар за поддршка на згрижувачки семејства, Оддел за мајки и деца и интервентно сместување. Центарот во Битола е еден од трите центри воспоставени со новиот Закон за социјална заштита. Нивна задача e поддршка на постојаните згрижувачи и подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки семејства. Заедно трите центри ја обезбедуваат услугата на вонсемејна заштита за околу 300 згрижувачки семејства и опфат на околу 500 деца, на ниво на држава.
Со социјалната реформа и процесот на деинституционализација во Битола се отворија 4 мали групни домови за бебиња и мали деца и 1 мал групен дом за деца со попреченост. Министерката Тренчевска посети два од групните домови и со стручниот кадар разговараше за придобивките од деинституционализацијата, која овозможи ниту едно дете под 18 години, да биде сместено во институција, туку во нова форма на живеење најблиска на семејната.
Денешната посета на Битола се заокружи со посетата на Центарот за социјални работи, што воедно беше можност да се поразговара за имплементацијата на социјалната реформа во делот на правата и услугите кои ги адресираат потребите на граѓаните.
„Грижата за ранливите категории на граѓани е наш приоритет и одговорност. Затоа во континуитет вложуваме во унапредување на нивните права и воведување на нови социјални услуги“, порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.
Македонија
На Табановце се чека околу 10 до 15 минути за излез од државата

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 10-15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Општина Карпош: Го демантираме другарот на Мицкоски, Сотир Лукровски, дека има нерешени 11 000 предмети за легализација, а тој ќе ги решел за две и пол години

„Општина Карпош во целост го демантира другарот на Христијан Мицкоски, Сотир Лукровски, дека во општина Карпош има нерешени 11 000 предмети за легализација и замислете, тој ќе ги решел за две и пол години. Фактите говорат дека општина Карпош од 2011 до 2018 година има примено вкупно 12688 барања и од нив досега се решени 9385, а останати се уште 3303 барања“, велат од општина Карпош.
„Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки и се чека на завршување на судска постапка, на друг дел е побарана дополнителна документација, и мал дел се во постапка за решавање.
За кандидатура на градоначалник основен услов за кандидатот е да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако кандидатот во кампања кажува лаги, какво ли ќе биде неговото функционирање како Градоначалник!?
Општина Карпош го замолува г-дин Христијан Мицкоски да го едуцира својот кандидат и го замолуваме да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата“, соопшти општина Карпош.