Македонија
Ќе ја забрзаме постапката за одобрување на приемот на Финска и Шведска во НАТО, му рече Ковачевски на Столтенберг
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кој ја изрази неговата поддршка и поддршката на македонската Влада за покажаното лидерство и продолжувањето на мандатот на генералниот секретар во овие исклучително сложени околности предизвикани од воената агресија на Русија на Украина.
За време на разговорот премиерот Ковачевски ги нагласи единството и одлучниот одговор на алијансата на, како што рече, неиспровоцираната војна во Украина и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.
Република Северна Македонија, истакна Ковачевски во разговорот со генералниот секретар Столтенберг, го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.
Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати, премиерот Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздрави иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО и потенцира дека Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во алијансата на овие две земји.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во разговорот со Ковачевски ја поздрави поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО и го потенцира успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврди нашата земја како вреден партнер на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСM: ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена
ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија со усвојување на предавничка Резолуција во Собранието, велат од СДСМ.
„Ја загрозуваат слободата на говорот и мислењето, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена, само да не се зборува за договорот мигранти за пари.
Целта е на опозицијата да ѝ биде забрането да зборува на темата мигранти, под зкана на кривични пријави, кои судовите по итна постапка би ги прифаќале. Затоа и забрзано работат на воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството.
Секој што ја зборува вистината за мигрантите е таргет, да му се заканат со кривична, со затвор, и на тој начин да замолчат каква било дебата за тоа што се случува надвор од очите на јавноста.
Во меѓувреме ќе пласираат лаги и ќе фабрикуваат разни лажни вести, за опозицијата, за новиот тим на СДСМ, се за и сешто“.
Затоа, според оваа партија, во предавничката Резолуција, како што наведуваат, внеле и измислици дека СДСМ подготвувала мигранти, што е целосна лага.
„Кога се носат предавнички резолуции против опозицијата тоа е автократија, вовед во диктатура, режим 2.0.
СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата, заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата.
Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок и основните слободи за да избегаат од националните предавства.
Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции. Помош ќе побарме и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа“.
Со сите демократски алатки и механизми кои ни стојат на располагање, додаваат од СДСМ, ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до -1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До понеделник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд.
Македонија
Без струја делови од скопски Аеродром, Сопиште, и Сарај
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска ( Четврок ) без електрична енергија ќе останат:
– од 08:00 – 09:00 часот, корисниците од бул.Јане Сандански бр.70 (Општина Аеродром )
– од 08:45 – 14:00 часот, дел од село Кондово, потрошувачите околу пругата и околу градинката. (општина Сарај)
– од 09:00 – 11:00 часот, корисниците од ул.14 Сопиште (Општина Сопиште )
– од 10:00 – 13:00 часот, корисниците пат за село Долно Лисиче после “Ливрам“ (Општина Аеродром).

