Македонија
Арсовска – Костовски: Наместо дива депонија, реализирана нова зелена површина над 3.0000 квадратни метри во населбата Радишани

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, изврши увид на новата реализирана зелена површина на улицата Бутелска во населбата Радишани во општина Бутел.
Долгодишната дивна депонија сега е нова зелена површина од над 3.000 квадратни метри, во првата фаза хортикултурно се уредени околу 1.496 квадратни метри, а во втората завршна фаза хортикултурно се уредени уште 1.500 квадратни метри.
„Наместо долгогодишна дива депонија, уредивме нова зелена површина на површина од над 3.000 квадратни метри за граѓаните. Во оваа прва фаза на оваа површина засадени се над 200 зимзелени и листопадни садници. Продолжуваме со реализација на уредување и подигнување нови зелени површини и зелени коридори во Скопје“, изјави Арсовска.
„Новиот парк за граѓаните на општина Бутел содржи нови патеки за пешачење, посебен систем за наводнување, зимзелени и листопадни дрвца, нови летниковци, како и содржини за најмладите. Комплетно реконструирано е и фудбалското игралиште што се наоѓа во овој потег“, истакна Костовски.
За комплетно уредување на оваа зелена површина, екипите на ЈП „Улици и патишта“ во средишниот дел на паркот изградија пешачка патека, поставени се заштитна ограда и заштитни столпчиња.
Град Скопје, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и општините, продолжуваат со активности за уредување нови зелени површини и формирање зелени коридори во населените места во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.