Македонија
Грковска-Кундурос: Грција ѝ дава силна поддршка на Северна Македонија за преговорите со ЕУ
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со Русос Кундурос, амбасадор на Република Грција во земјава.
Амбасадорот Кундурос ја пренесе пораката на официјална Атина дека грчката Влада ја поддржува Република Северна Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија и добивање датум за одржување на првата меѓувладина конференција и тоа, како што кажа Кундурос, недвосмислено е укажано на земјите членки на Европската Унија.
Грковска се заблагодари на поддршката што Грција ѝ ја дава на нашата држава на европскиот пат и укажа дека во заеднички интерес, но и во интерес на Европската Унија е да имаме стабилен Балкан кој ќе промовира пријателство.
На состанокот се разговараше и за интензивирање и продлабочување на меѓусебната соработка, но и размена на искуства особено во делот на дигиталната трансформација на општеството и креирањето на антикорупциските политики.
Грковска информираше дека искуството на Грција во процесот на дигитализацијата за нас ќе биде од големо значење. Таа додаде дека за нашата држава е важно да креираме политики кои ќе бидат применливи, одржливи и долгорочни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четири општини останаа без гласање, повторени избори во рок од 60 дена
Денеска нема да се одржи гласање во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, поради недоволна излезеност во првиот круг од локалните избори 2025.
Во првиот круг излезеноста била: Гостивар – 33,31%, Маврово и Ростуше – 30,31%, Врапчиште – 25,18%, Центар Жупа – 21,49%, што е под законскиот минимум од една третина од запишаните гласачи.
Според Изборниот законик, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Денеска се одржува вториот круг од изборите за градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Според податоците од Државната изборна комисија, одѕивот до 9 часот е 2,88 проценти.
Македонија
Гласањето тече без проблеми, одѕивот до 9 часот е 2,88 отсто
Одѕивот во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 проценти, односно 22.379 гласачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. Во Град Скопје одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто.
Оценето е дека гласањето тече без проблеми, а единствениот застој бил забележан во Дојран, каде поради технички проблем со уред за биометриска идентификација имало краток прекин, кој бил веднаш отстранет.
ДИК во текот на денот ќе врши ненавестени посети на избирачки места и општински изборни комисии за набљудување на процесот, како и за време на броењето по 19 часот.
Во вториот круг се гласа во 32 општини и Градот Скопје, на 1.771 избирачко место, а право на глас имаат 1.013.375 граѓани. Следната прес-конференција на ДИК е закажана за 11:30 часот, а првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот. Некаде околу 23 часот, се очекува да бидат познати сите резултати од гласањето на изборите во вториот круг.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.

