Спорт
Ајнтрахт со титулата од Лига Европа по пенал-драмата, Арон Ремзи трагичар на Ренџерс
Ајнтрахт Франкфурт ја комплетираше неверојатната сезона во Лига Европа со освојувањето на титулата во Севилја по пенал-драмата против Глазгов Ренџерс, откако по 120 минути игра беше 1:1. Во пенал-серијата, трагичар на шкотскиот клуб беше најголемото засилување минатата сезона, Арон Ремзи, кој беше единствениот кој не постигна гол во пенал-рулетот.
Титулата, втора европска во историјата на Ајнтрахт по Купот на УЕФА во 1980 година, е сосема заслужена откако бундеслигашот успеа драматично во четврт-финалето да ја елиминира Барселона на „Ноу Камп“, по што во полуфиналето беа подобри и од Вест хем јунајтед.
Ниту андалузиската жештина (32 степени на стартот на мечот), не ги спречи двата клуба кои долго чекаат за европска титула да одиграат возбудлив меч, во кој Ајнтрахт имаше повеќе шанси, но Ренџерс беа тие кои дојдоа први во водство.
Нигериецот Џо Арибо во 57. минута успеа да направи одличен продор и да го совлада Кевин Трап за „лудница“ од страна на шкотските фанови на стадионот. Меѓутоа, во 69. минута, Филип Костиќ му асистираше на Рафаел Боре, за тој да го постигне четвртиот гол за Ајнтрахт во Лига Европа оваа сезона за израмнување. До крајот на мечот, Ајнтрахт повторно имаше неколку поизгледни шанси, но на крајот по 90 минути стана јасно дека ги чека долга ноќ во Севилја.
И продолжението донесе повеќе шанси од бундеслигашот, но најдобрите две шанси ги имаше тимот на Џовани ван Бронкхорст. Во пенал-серијата, до третата серија пеналџиите беа прецизни, пред поранешниот фудбалер на Арсенал и Јувентус, Арон Ремзи да има крајно лош обид, кој заврши во рацете на Кевин Трап. По него, Филип Костиќ беше прецизен за Ајнтрахт, како и Кевин Руф за шкотскиот клуб, по што Рафаел Боре го постигна шампионскиот гол за германскиот клуб.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дембеле одбил да го продолжи договорот со ПСЖ
Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле, ја одбил првата понуда на клубот за продолжување на договорот во вредност од 30.000.000 евра, објавија француските медиуми.
ПСЖ започна разговори за продолжување на соработката со францускиот репрезентативец, кој има важечки договор до 2028 година, со цел да го задржи освојувачот на „Златната топка“ и еден од клучните играчи во историската сезона 2024/2025, во која тимот ја освои Лигата на шампионите.
Според извештаите, Дембеле веќе добил првична понуда од клубот, но таа не е во согласност со неговите финансиски барања.
Како што се истакнува, понудената плата е околу 30.000.000 евра по сезона, проблем е што менаџерот на фудбалерот бара речиси двојно поголема сума, поради што договорот во моментов е далеку.
Во сезоната 2024/2025, Дембеле ги освои најважните индивидуални награди, вклучувајќи ја Златната топка, наградата „Најдобар“ на ФИФА и наградата за најдобар играч на Лигата на шампионите, а одигра и клучна улога во освојувањето на првиот европски трофеј во историјата на ПСЖ.
Спорт
Барселона нуди 30 милиони евра за Рашфорд
Маркус Рашфорд се чини дека ги се наметна во Барселона на задоволство на тренерот Ханси Флик.
Челниците на „блауграната“ решија да му испратат понуда на Манчестер Јунајтед за откуп на договорот на репрезентативецот на Англија.
Според шпанските медиуми, Барса е подготвена да издвои 30 милиони евра.
Во дресот на Барселона, крилниот напаѓач одигра 18 натпревари и постигна два гола.
Спорт
Рој Кин: Фергусон е како смрдеа од која не можеш да се ослободиш
Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, Рој Кин, повторно проговори за ситуацијата во неговиот поранешен клуб, а овој пат остро го критикуваше легендарниот менаџер Алекс Фергусон.
Познат по своите остри и директни ставови, Кин отворено проговори во програма во живо за отпуштањето на Рубен Аморим и начинот на кој клубот носи клучни одлуки, не штедејќи ги луѓето кои, формално, повеќе не се дел од структурите на Манчестер Јунајтед.
„Што всушност се случува на тие интервјуа за работа? Секогаш ме интересира зошто истите луѓе добиваат шанси. Како можат да сфатат по 12 или 14 месеци дека некој не е вистинскиот човек за клубот?“, почна Кин.
Потоа отиде чекор понатаму и директно го спомена Фергусон, кој сè уште редовно ги гледа натпреварите од трибините на „Олд Трафорд“.
„Не го сфаќате ли тоа во разговорот? Го гледата чобекот во очи. Гледате кој навистина ги прави потезите во Манчестер Јунајтед. Фергусон и Дејвид Гил сè уште се шетаат како смрдеа што не може да се избрка.“
Нетрпението меѓу Рој Кин и Алекс Фергусон трае од 2005 година, кога легендарниот менаџер одлучи да го продаде својот капитен по контроверзно интервју на клупската телевизија.
Дека тензијата сè уште постои, потврди самиот Фергусон во 2024 година, кога го исфрли Кин од листата на своите најдобри капитени во историјата на клубот, и покрај фактот дека Ирецот ја носеше капитенската лента во осум исклучително успешни сезони.
Најновите коментари на Кин се само продолжение на долгогодишната и јавна расправија меѓу две икони на Манчестер Јунајтед.


