Македонија
Маричиќ: Иднината на Европа зависи од следните чекори на Унијата
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денес учествуваше на панел-дискусијата „Демократијата во Европа – 30 години по Мастришкиот договор: Нови прашања за европската иднината и дилемите поврзани со проширувањето“, на која рече дека Северна Македонија постојано докажува дека е искрен и доверлив партнер на Унијата и дека одамна ја има надминато стратешката крстосница.
„Постојано докажуваме дека сме искрен и доверлив партнер на Унијата и цврсто чекориме кон реализација на целите, со целосен фокус и посветеност на реформите за да го скратиме периодот на постигнување европски квалитет на живот, што е најмоќната инспирација за граѓаните кои нè поддржуваат. Затоа очекуваме државите членки на Унијата да ја приспособат оптиката на реалноста и да одговорат на денешните предизвици, од кои ќе зависи и иднината на Европа“, кажа Маричиќ.
Истакна дека дилемата за иднината на Европа стана прашање во јавниот дискурс по стагнацијата на проширувањето на Унијата и со почетокот на војната во Украина, но дека за него нема дилеми.
„Иднината на Европа е сигурна само доколку перспективата е заедничка, обединета и со Западен Балкан во неа. Останува да се чуе гласот на Унијата, истата да ги направи нашите цели остварливи со лидерски чекор за старт на преговорите, за да обезбедиме подинамичен развој и да го направиме европскиот квалитет на живот јасно остварлив за граѓаните на Северна Македонија“, истакна Маричиќ.
За односите со Бугарија вицепремиерот рече дека стратешко долгорочно пријателство се гради постојано, дека лесно се рушат мостови, но тешко и долго се градат.
„Ние покажавме дека знаеме да градиме мостови со соседите и да подадеме рака. Денес бугарските власти имаат историска можност да подадат рака да изградиме мост на доверба и пријателство. Први соседи сме, сојузници сме во НАТО, ќе бидеме заедно и во ЕУ“, додаде Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

