Економија
Германија планира задолжување од 140 милијарди евра

Германија годинава планира рекордно задолжување од околу 140 милијарди евра, што произлегува од завршните преговори во буџетската комисија на Бундестагот, објавија тамошните медиуми.
Германскиот буџет за тековната година предвидува расходи во износ од околу 495,79 милијарди евра, нешто повеќе од планираното од самиот министер за финансии Кристијан Линднер. Бундестагот ќе го усвои новиот буџет во неделата од 30 мај до 3 јуни.
Предлог-буџетот предвидува 705 милиони евра повеќе инвестиции, како и 11,9 милијарди евра расходи, но во буџетот останува предложеното ново задолжување од 138,94 милијарди евра, бидејќи се очекуваат многу повеќе приходи од лани.
„Преговорите за буџетот беа обележани со големи глобални кризи“, велат Денис Роде, Свен-Кристијан Киндлер и Ото Фрик, тимот на владејачката коалиција.
Посочија дека резултат од преговорите се создава безбедност во време на криза, како во светот, така и во Германија.
„Инвестираме во инфраструктура, ја штитиме климата, ја поддржуваме средната класа, ја поттикнуваме науката, иновациите и општественото единство. Дополнително, ја зајакнуваме безбедносната, надворешната и развојната политика“, нагласија пратениците од СПД, ФДП и Зелените.
Со новиот буџет, владејачката коалиција ги укинува сите финансиски средства за канцеларијата и соработниците на поранешниот канцелар Герхард Шредер.
Ова беше решено под образложение на неговите блиски контакти со Русија и пред сè со претседателот на Русија Владимир Путин.
Во буџетот се предвидени и олеснувања за домаќинствата, како парно и еднократна помош за семејствата со деца.
Исто така, донесен е пакет мерки за помош на стопанството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски: Над 280.000 тони домашна пченица ќе се откупат за стоковните резерви

Зголемување од 2 проценти годинава во однос на минатата има кај површините кои беа засеани со пченица.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пренесува изјава на министерот Цветан Трипуновски кој посочува дека согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар.
-Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби, наведува Трипуновски.
Во минатото, како што вели, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.
-На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви, појасни министерот Трипуновски.
Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот и во прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во западна Македонија.
Економија
Инвертер-клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика објави оглас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории население.
Преку јавен оглас, што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, почнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима-уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира во согласност со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година (‘Службен весник на РСМ’ бр. 161/25). Во согласност со јавниот оглас за поддршка на домаќинства што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата што ги исполнуваат условите ќе стекнат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму онаму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за пријавување е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации, како и потребните обрасци за пријавување, се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.
Економија
Народната банка со нова иницијатива: проширување на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции

Гувернерот Трајко Славески истакна дека иницијативата на Народната банка за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги веќе ги даде првите резултати и изрази задоволство од одлуките на банките за намалување на трошоците.
Славески, на денешната конференција за печатот, најави дека Народната банка ќе покрене иницијатива и за измени на сегашното законско решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. Со измените на Законот за платежни услуги и платни системи, се предлага отстранување на дел од постојните ограничувања и значително проширување на услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.
Најзначајните новини се: можност за дозволено пречекорување, можност да се поседува платежна сметка со основни функции дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги, којшто покрај интерните, ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција. Во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.
„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, истакна Славески.
Народната банка ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година.
Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци – најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Се очекува дека поповолните услови за користење на платежните услуги ќе бидат достапни за граѓаните и за микротрговците по донесувањето на законските измени, односно дека ќе бидат во примена од почетокот на 2026 година.