Македонија
Топло време со дожд во попладневните часови

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, информираат од УХМР.
Околу пладне и попладне особено во западните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, засилен ветер и услови за појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 23 до 32 Целзиусови степена.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во следните денови ќе се задржи многу топло време, со максимални температури над просекот за овој период од годината, а во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Дел од Кеј 13-ти Ноември останува без водоснабдување

Поради дефект на водоводна цевка, дел од корисниците на Кеј 13-ти Ноември, од хотел „Холидеј ин“ до Камениот мост, ќе останат без вода од 13:00 часот, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато се додека траат работните активности за отстранување на дефектот. Од јавното претпријатие апелираат до граѓаните за трпение и разбирање додека трае интервенцијата.
Македонија
„Храброста на нашите колеги е пример за идните генерации“, порачаа од ЕБР на Денот на Единицата

Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска одбележува 24 години од своето формирање, а припадниците на оваа единица потсетија дека не ги забораваат своите колеги кои го дале животот за безбедноста и мирот на Македонија.
„Додека денес го одбележуваме Денот на Единицата за брзо распоредување и им оддаваме почит на храброста, посветеноста и професионализмот на припадниците на оваа единица, не смееме да ги заборавиме сите оние кои го дадоа својот живот за безбедноста и мирот на нашата татковина“, порачаа од ЕБР преку социјалните мрежи.
Тие додадоа дека жртвата на нивните колеги претставува темел на слободата, а нивната храброст е пример за идните генерации.
„Вечна им слава и почит“, завршуваат од ЕБР во пораката по повод јубилејот.
Македонија
Алиу вети транспарентност, граѓаните ќе знаат кој го помага македонското здравство

Министерството за здравство воведе нов електронски модул за транспарентен преглед на донациите во здравството, со кој јавноста ќе може во секое време да има увид во видот, вредноста и донаторите на пристигнатата помош.
Модулот е достапен на веб-страницата donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детални информации за секоја донација примена од Министерството или јавните здравствени установи.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека досега се евидентирани над 400 донации, а бројката постојано расте.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем“, изјави Алиу.
Податоците покажуваат дека најголемиот дел од донациите, дури 85%, се однесуваат на медицински материјали, меѓу кои лекови, вакцини, апарати и други средства за јавните здравствени установи.
Алиу додаде дека со новиот систем ќе се избегнат ситуации кога во земјата стигнува опрема со различни оперативни системи или апаратура без достапни резервни делови и сервис.
„Со овој модул, испраќаме јасна порака дека во здравството нема скриени процеси и тајни договори, дека секоја донација е видлива, секоја помош е евидентирана, а секој граѓанин има право на информација“, порача министерот.