Македонија
Петровска: НАТО-членството е придобивка, но и поголема одговорност кон колективната безбедност
Денеска, во Домот на Армијата беше одбележан Денот на воената служба за безбедност и разузнавање, кој се совпаѓа и со јубилејот – 30 години постоење на оваа воена служба.
На свеченоста, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, порача дека членството во НАТО преставува ново поглавје во историјата на оваа служба, која има проширен обем на работа и поголема одговорност.
„Членството во алијансата е придобивка за безбедноста и стабилноста на државата, а од друга страна, токму тоа ја наметнува потребата за развој на воените капацитети и способности, кои ќе дадат придонес во колективната безбедност. Бројот на луѓе за чија безбедност сме одговорни се зголеми од 2 на речиси 900 милиони“, рече министерката.
Петровска истакна дека одбраната со своите капацитети мора одлучно да се спротивстави на новата безбедносна реалност и тоа со брзи и ефикасни активности за заштита, превенција и одговор на овие закани.
„Прв чекор кон изградба на безбедно општество е воспоставување еден сеопфатен пристап во справувањето со хибридните закани. Наша обврска како земја членка на алијансата е да инвестираме во изградба на национална отпорност на овие закани и да изградиме синхронизиран систем за нивен одговор“, рече Петровска. Додаде дека институциите мора да бидат координирани и да соработуваат и во справувањето со тероризмот, кој претставува глобална закана.
Полковникот Ивица Ампов, раководителот на воената служба, се осврна на значењето на военото разузнавање во одбранбениот систем и се заблагодари на вработените во службата за својата професионалност и посветеност.
На одбележувањето на Денот на военото разузнавање присуствуваше и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, а на свеченоста беа наградени и пофалени вработени во службата за воено разузнавање. Благодарници за соработка им беа доделени на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и на Бирото за јавна безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

