Регион
На последниот собир на приврзаниците на Ердоган се очекуваат милиони Турци
Милиони Турци се очекува во неделата да излезат на улиците на Истанбул со што ќе го одбележат завршувањето на тринеделната мобилизација за демократијата, на повикот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган по неуспешниот обид за воен преврат од ноќта од 15-ти кон 16-ти јули.
„Собир за демократијата и мачениците“ е владина иницијатива на којашто ќе ѝ се приклучат и главните опозициски парти,а официјално е претставена како „предавање на дипломата на школата за демократија“.
Во мегалополисот Истанбул, главната турска метропола и политичкиот бастион на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, собирот е закажан за 17 часот по локално време, и на него се очекува да се соберат многу голем број луѓе,а ќе биде пренесуван преку големи екрани во 80 турски покраини.
На пространиот плоштад Јеникапи, на брегот од Мраморното Море, се очекуваат стотици илјади луѓе, можеби и 3,5 милиони пренесува во неделата електронското издание на дневниот весник Hurriyet.
Подготвени се 1,5 милиони капчиња, 2,5 милиони турски знамиња и 5 милиони шишиња со вода за митингот на Јеникапи, а тим од 300 лица од саботата ги подготвува просторот на кој треба да се одржи собирот, пишува весникот.
Безбедносните мерки се многу заострени во Истанбул, имајќи предвид дека градот беше честа цел на смртоносни напади изминатите месеци. Поставени се 22 рентген апарати, 165 капии со детектори за метал во областа на плоштадот, додека 13.000 луѓе, вклучително и полициски службеници, ќе бидат вклучени во обезбедувањето на собирот.
Претседателот Ердоган, премиерот Бинали Јилдирим и опозициските челници ќе присуствуваат на собирот.
Главната опозициска партија Републиканската народна партија (CHP) беше иницијатор на сличниот собир за поддршка на демократијата во земјата на 24-ти јули на плоштадот Таксим во Истанбул, на кој се приклучи и владејачката Партија на правото и развојот (AKP), кога беше објавена декларацијата за демократијата, правата и владеењето. На повикот на Ердоган и Јилдирим во неделата се одѕва и опозициската Партијата на националистичкото движење (MHP), по телефонскиот разговор меѓу партискиот челник Девлет Бахчели и шефот на државата.
Прокурдската Народна демократска партија (HDP) во северниот истанбулски кварт, исто така, на 24-ти јули организираше масовен собир против неуспешниот обид за воен удар во Турција под мотото „Не за пучистите“, но таа е исклучена од повикот, бидејќи според владата ја поддржува забранетата герилска Работничка партија на Курдистан (PKK).
Ердоган претходно им се заблагодари на тројцата партиски челници за заедничкиот став против воениот удар и почитувањето на активностите на Фетулахистичката терористичката организација (FETO), како што турските власти ги означуваат следбениците на исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен за кого тврдат дека стои зад неуспешниот пуч, и кон кои се спроведува масовна чистка од државните институции.
Во обидот за државен удар загинале 273 цивили, несметајќи ги стотината жртви на страната на пучистите, а во речиси дванаесетте часа колку што траеше обидот за преврат беа ранети околу две илјади лица. Потоа следуваа масовни чистки во армијата, правосудството, образованието, медиумите и локалните власти, за коишто претседателот Ердоган рече дека „само што започнале“, навестувајќи подлабоки промени.
По пучот приврзаниците на Ердоган секоја вечер мобилизираат на плоштадот Таксим во Истанбул и на Казилај во Анкара десетици илјади Турција кои носат турски знамиња и го скандираат неговото име.
„Собирот на Јеникапи ќе го зајакне нашето единство. Задоволен сум што таму ќе дојдат и политичките челници“, реле Ердоган во саботата во телевизиското обраќање.
„Голем екран ќе биде поставен и на едно друго место. Знаете ли каде? Во Пенсилванија. Пораката ќе стаса и таму“, рече претходно во петокот Ердоган, алудирајќи на американската сојузна држава во којашто од 1999 година во доброволен егзил живее Ѓулен чиешто предавање го бара Анкара.
Ѓулен негира дека има вмешаност во споменатите настани и истакнува дека е против воено менување на власта, додека Вашингтон од турската страна бара, како што вели, уверливи докази против него за да одговори на барањето за негова екстрадиција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ: Вонредна состојба во осум општини, по временските проблеми, ситуацијата се стабилизира
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес изјави дека вонредната состојба е на сила во осум општини и изјави дека ситуацијата во Србија е релативно нормализирана по временските проблеми, како и дека снабдувањето со електрична енергија е стабилизирано.
Дачиќ изјави дека вонредната состојба е сè уште на сила во Ваљево, Осечина, Мали Зворник, Крупње, Мајданпек, Сјеница, Ивањица и на дел од територијата на општина Лучани, и најави дека во петок повторно ќе се одржи состанок на Републичкиот штаб за вонредни состојби, на кој ќе се дискутира моменталната метеоролошка и хидролошка состојба во земјата.
Кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија, Дачиќ изјави дека четири локални заедници се без електрична енергија во Мајданпек, дека 141 потрошувач немаат електрична енергија во Прибој, 325 во Ариље, 22 во Чајетина и 12 потрошувачи во Куршумлија.
„Ситуацијата овде, барем според овие податоци, е стабилизирана“, изјави Дачиќ за ТВ Пинк.
Дачиќ рече дека Одделот за вонредни ситуации имал 133 интервенции од 4 јануари, во кои биле ангажирани 297 пожарникари-спасувачи со 142 возила, 25 пумпи и три чамци, и дека 42 лица се евакуирани.
„Теренот сè уште се посетува, ангажирани се пожарникари, припадници на полицијата каде што е потребно, како и армијата, Црвениот крст и цивилната заштита, и можам да кажам дека ситуацијата е релативно стабилизирана и нормализирана“, рече министерот.
Тој изјави дека Штабот за вонредни ситуации ќе се состанува еднаш неделно и додаде дека превенцијата е важна, со цел да се процени ситуацијата и да се извлечат поуки.
„Секогаш кога нешто ќе се случи, убаво го пребродуваме сето тоа и заклучуваме дека нешто не е во ред, но потоа имплементацијата на она што сме го научиле мора да почека до следната можност. Ова не треба да се повтори. Мислам дека сите министерства, јавни претпријатија, институции и деловни организации треба да ги разгледаат факторите на ризик во нивниот оддел и што треба да се направи за да се спречи ова да се повтори следната година“, рече Дачиќ.
Тој истакна дека проблемите со електричната енергија се главно предизвикани од паднати дрвја и дека е потребно да се разгледа како да се реши ова системски за да не се повтори вонредната ситуација.
Регион
(Видео) Вучиќ се појави во изборниот рекламен спот на Орбан заедно со лидерите на европската десница
Српскиот претседател Александар Вучиќ се приклучи на изборната кампања на унгарскиот премиер Виктор Орбан преку учество во промотивен спот.
Во видеото, покрај Вучиќ се појавуваат уште десет политичари, меѓу кои и премиерите на неколку земји и крајно десничарските лидери од Германија и Франција, објавува порталот Нова.рс.
Thank you for your support! @MorawieckiM, @RobSchneider, @GiorgiaMeloni, @predsednikrs, @MLP_officiel, @matteosalvinimi, @AndrejBabis, @JMilei, @Alice_Weidel, @Santi_ABASCAL, @netanyahu, @herbert_kickl pic.twitter.com/7JI021IgRq
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) January 11, 2026
Во видеото за изборите, кои беа распишани денеска за 12 април, Орбан е поддржан од премиерите на Италија, Чешка и Израел – Џорџа Мелони, Андреј Бабиш и Бенјамин Нетанјаху. Меѓу политичарите се и крајно десничарските опозициски лидери: копретседателката на Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел, лидерката на Националниот собир во францускиот парламент Марин Ле Пен, претседателот на шпанската партија Вокс, Сантијаго Абаскал Конде, и претседателот на Партијата на слободата на Австрија, Херберт Кикл.
Вучиќ во видеото вели: „Се надевам дека следните избори ќе значат многу за сите нас, што значи дека ќе бидеме сведоци на уште една победа за Фидес“.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels

