Македонија
Џафери ги заклучи вратите на салата во Собранието и ги исклучи микрофоните
Собранискиот спикер Талат Џафери побара да се заклучат собраниските врати од салата за да службите пребројуваат пратеници, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа и посочија дека тоа се прави со цел во салата да не можат да влезат и други пратеници. По заклучувањето на вратите, пратениците прашуваа врз основа на што заклучува собраниски врати, а тој одговори: „Деловникот“. Пратеници
„Немате право да зборувате во прво лице“, рече Силјановска, а тој одговори: „Вас во петто ќе ви зборам, оди седи таму не ви дадов збор“, а пратеничката врати: „Знаете каде ви е вам местото“
Џафери на реакциите да не заклучува врати, посочи: „Јас наредувам. Спушти камера, затворете врата. Пребројте пратеници колку има“, а пратениците се собраа околу неговиот пулт. Џафери одново реагираше: „Тргни се од тука, не сум те повикал. Тргни се од тука. Седете на свои места“.
„Кој ти дава право да заклучиш сала?“ одново го праша Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Џафери кажа: „Деловникот“.
„Правото на движење е мое право“, му одговори Мицевски, а Џафери возврати: „Јас сум претседател на Собранието“.

„Кој ти дава право да не заклучуваш тука? Не сум ти затвореник јас тебе. Врз основа на што ме држиш?“, реагираше Мицевски, a Џафери возврати со ист одговор: „Деловникот“.
Бидејќи микрофоните во салата беа исклучени, а јавноста не може во живо да ги следи седниците поради тоа што Собранието нема можност за тоа, пратеникот Бојан Стојаноски се обрати до јавноста преку социјалните мрежи:
„Автократот ги исклучи микрофоните. Неколку пати ги заклучуваат вратите, за пратениците од надвор да не можат да влезат во Собранието. Вака не се одлучува демократски. Ова е срамота, насилие. Ова се случува по скандалозното однесување кон собраниските службеници“, кажа Стојаноски.
Жестоката расправија во Собранието продолжи. Додека се правеше список за говорници, Џафери му даде процедурално на координаторот Никола Мицески.
„Заклучивте врата на пратеничка група надвор од секое поведение. Уставот вели дека движењето е неприкосновено. Си толкуваш деловник како сакаш. За што се боревте, за да не заклучат тука, да не киднапираат? Не сме ние Кастриот! Срамота е бе! Па Кастриот можете да го чувате на бели ѕидови, не пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваш од грешка во грешка, срамота е ова! Заклучувањето на вратата е скандал. Да заклучиш пратеници, 40 пратеници, кој ти дава право, која е таа сила?“, реагираше Мицески.
И Силјановска имаше жестока реакција.
„Пцуевте, пуаквте на избирачко место, што ли ќе доживееме од вас!“, реагира Силјановска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

