Економија
Ковачевски: Инвестирани над една милијарда евра во изградба на патната инфраструктура
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите за транспорт и врски и за локална самоуправа, Благој Бочварски и Горан Милевски, како и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид на регионалниот пат Р1202, делница Маврови Анови – Жировница. На увидот присуствуваа граѓани на овој крај, изведувачите, градоначалникот на општина Маврово и Ростуште, Медат Куртовски, како и Самир Ајдини, директор на Националниот парк „Маврово“.
Делницата Маврови Анови – Жировница е во должина од 18,5 км, инвестиција вредна 6,18 милиони евра, а реализацијата во моментот е 60 отсто.
„Станува збор за највредниот инфраструктурен зафат во општината Маврово Ростуше. Трасата на оваа делница, всушност, е продолжение на веќе рехабилитираната делница Бунец – Маврови Анови. Овој патен правец ги поврзува населените места Ново Село – Бунец – Маврови Анови – Жировница – Ростуше – Бошков Мост – Дебар – Блато, па сè до границата со Република Албанија. Вкупната должина на патот изнесува околу 61 км. Неговата улога во сообраќајната мрежа е патно поврзување на западниот регион од нашата земја, поточно Гостивар и Дебар, како стопански седишта во овој дел на државата. На оваа релација овој пат со својот најголем дел поминува низ националниот парк ‘Маврово’, кој заедно со реканскиот дел е многу значаен регион за развој на туризмот, како и за подобрување на условите за живеење на граѓаните. Нашиот примарен фокус е да обезбедиме подобри услови во патната инфраструктура сè со цел да го подигнеме нивото на услуги што ги нуди регионот. Изминативе години во западниот регион, од кој е дел и општината Маврово Ростуше, работевме на изградба на квалитетна патна мрежа и во таа насока завршивме неколку значајни инфраструктурни проекти во регионот, како што е целосна рехабилитација на патот од Гостивар до Стража и Кичево, извршивме рехабилитација на патните правци Маврово – Никифорово, Бунец – Маврови Анови, а моментно се работи и тука на патот до Жировница“,изјави Ковачевски и ја потенцира важноста од довршување на патните коридори 8 и 10, кои се крвотокот на поврзување на нашата земја со земјите од регионот и пошироко.
Премиерот Ковачевски истакна дека изградбата на патиштата е приоритет.
„Развиена инфраструктура значи развој на економијата во земјата. Затоа и во услови на најголема криза ние инвестираме во инфраструктурни проекти. Градиме по план, од 2017 година досега изградени и обновени се над 1.000 километри патишта и инвестирано е над една милијарда евра во изградба и модернизација на патната мрежа во земјата. Остануваме посветени на реализација на мерките што обезбедуваат развој и унапредување на инфраструктурата. Со овие инвестиции граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побргу и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата“, рече Ковачевски.
Министерот Бочварски додаде дека градежната офанзива продолжува со силна динамика и насекаде во државата и дека Владата покажа решителност и со преземање навремени мерки обезбеден е континуитет на сите проекти.
„Важно е капиталните инвестиции да продолжат да се реализираат бидејќи градежништвото претставува мотор на економијата, а тоа е повеќе од значајно во овие времиња на светска економска криза, чии последици ги чувствуваме и во нашата држава. Економскиот бенефит што го носи модерната инфраструктура, регионалното поврзување со соседите, безбедното патување, зголемената размена на стоки и услуги, веќе ја чувствуваме. Градежништвото мора да го одржиме на патот на закрепнување, остануваме партнери со сите градежни компании и продолжуваме да работиме на зацврстување на домашната економија и подобри услови за граѓаните“, рече Бочварски.
Директорот Рустеми истакна дека работите се одвиваат во согласност со предвидената динамика, а овој пат е од суштинско значење за граѓаните како во регионот така и во целата земја.
„Со проектот за рехабилитација на Маврови Анови – Жировница предвидено е да се изведат повеќе градежни зафати, како што се нова коловозна конструкција, санација на осумте моста, изведба на нови потпорни ѕидови, бидејќи сите сме сведоци на честите одрони на оваа делница, и други работи со кои ќе се подобри безбедноста на делницата. Во моментот интензивно се работи на повеќе точки на патната делница, а се извршуваат и асфалтерски работи. Безбедноста на државните патишта е наш приоритет и затоа очекуваме изведувачот на работите JV ISA 2000 – PELAGONIJA од Гостивар квалитетно и навремено да ја заврши доверената работа. Надзорен орган над работите е ГИМ заедно со ‘Евро консалтинг’ и ‘ИРД инженеринг’“, рече Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

