Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ја поднесе интерпелацијата за Џафери – бараат поддршка од власта, но не очекуваат дека ќе ја добијат
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата утре ќе ја поднесат формално интерпелацијата за претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Опозициската партија ги повика сите пратеници во Собранието да ја поддржат интерпелацијата.
„Ковачевски треба да излезе од скутот на ДУИ и пратениците на СДСМ да ја поддржат интерпелацијата на Талат Џафери. Автократот Џафери покажа дека не е достоен да биде претседател на Собранието заради неговиот примитивизам, кршење на Деловникот и Уставот и недемократско однесување“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Од најголемата опозициска партија, сепак, не веруваат дека власта ќе гласа за оваа интерпелација, но и во таков случај, велат: „добро е граѓаните да го видат лицето на ДУИ и СДСМ, како сложно го бранат неодбранливото дивеење врз Уставот, Деловникот и законите, од страна на Талат Џафери“, рече Дафина Стојановска од Извршниот комитет на партијата.
Партијата го обвинува Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Се наведува дека Џафери во неколку наврати еклатантно ги кршел одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ во таа насока ја издвојува седницата кога пратениците беа заклучени во салата, коментирајќи дека со овој потег Џафери им го ускратил загарантираното право на слобода и движење, додека од друга страна тој тврди дека тоа било според деловникот.
„Во изминатиов период, сведоци сме на повеќе прекршувања на Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија од страна на претседателот и тоа: Неразгледување на интерпелации поднесени за работа на носители на јавни функции, предложени од опозицијата. Интерпелациите само се оставени на дневен ред на одредена седница и никогаш тие точки не се разгледуваат. Интерпелациите за тогашниот вицепремиер Љупчо Николовски и министерот Бојан Маричиќ станаа беспредметни, бидејќи тие сега извршуваат сосема други функции; Неразгледување и непродолжување на пленарни седници, на кои се останати информации предложени од опозициските пратеници; Ненавремено доставување на материјал до пратениците; Спротивно на Деловникот и без образложение, отфрлање на амандмани поднесени од пратеници на опозицијата; Одземање на право на говор на пратеник, како што беше случајот со утврдување на дневниот ред на 71-та Седница на Собранието; Разрешување и избор на член на работно тело на Седница на Собранието, без претходно да има одлука која треба претходно да е усвоена на матичното работно тело; Неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Талат Џафери пред Комитетот на министрите на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Република Македонија“, рече Стојаноска.
Според партијата, со ваквиот неодговорен пристап, претседателот на Собранието, Талат Џафери покажал дека нема капацитет за правилно водење на законодавниот дом, ниту пак покажува волја за соработка со пратениците од опозицијата, преку почитување на Уставот и Деловникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука“: Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата очекува Владата да постапува одговорно
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со внимание го следи процесот за избор на нов државен јавен обвинител, нагласуваат од таму.
„Имајќи предвид дека Совет на јавни обвинители јавно соопшти дека дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и дека предметот е доставен во понатамошна постапка до Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека од овој момент одговорноста за зачувување на кредибилитетот на постапката е кај извршната власт“.
Укажуваат дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои, као што велат, однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Особено, како што појаснуваат, имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката.
Според нив, изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда.
„Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука.
Во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството. Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон“.
Потсетуваат дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“.
Платформата, подвлекуваат, нема да навлегува во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажува дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Очекуваат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. „Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството“.
Македонија
Чантата чини 944 денари, не 30.000 евра како што вели СДС: Сопругата на Ѓорѓиевски очекува јавно извинување
„Кога се нема аргументи, кога политиката се сведува на политиканство, СДСМ нема да зборува за работите кои се важни за граѓаните, за фактот што е направено за Скопје и Скопјани, туку ќе вмешува семејства, личности кои не се директно во политиката, неретко и нашиот малолетен син и се така за да привлечат внимание. За волја на вистината, фактите се следни. Мојата чанта не е некакви 30 000 долари како што тврди СДС, ниту е Хермес, туку е купена од продавницата на „Obuca Metro“ Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност, ниту пак носи натпис на брендот. Доколку не веруваат, може да им ја подарам мојата на увид, а може и самите да ја посетат продавницата, има одлични работи за супер ефтини цени за луѓе кои живеат скромен и чесен живот. Има сѐ уште на располагање од истиот модел на поголема варијанта од малата чанта“, стои во демантот од сопругата на скопскиот градоначалник, откако од СДСМ беше посочено дека таа носи чанта од 30.000 долари.
Во демантот се ннаведува дека обидот преку евтина конструкција да се создаде наратив за „луксуз“ и „аздисаност“ служејќи се со лаги и клевети во најмала рака е безобразно.
„Не е мое да коментирам политички, но вмешувањето на потесно семејство во отсуство на вистински аргументи и ширење на лажни вести не е политика, туку дно.
Барам јавно извинување за изнесените невистини и повлекување на лажните тврдења.
Во спротивно, ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации“.
Македонија
Од Струмица и Скопје, преку Свети Николе: под истрага шест лица за транспортот на осум тони марихиуана што заврши во Србија
Обвинителсството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против шест лица за неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, во случајов со марихуаната.
Оттука велат дека истрагата се темели на докази обезбедени од Министерството за внатрешни работи, како и на документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија, добиена преку меѓународна правна помош.
Според наредбата, осомничените во период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на кокаин и марихуана. Секој од нив имал јасно утврдена улога во преземањето, држењето и транспортот на дрогата.
Двајца од осомничените, против кои постапка води и српското обвинителство, во договор со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале набавка и повеќекратен транспорт на марихуана од Северна Македонија кон Србија, со товарни возила, заради понатамошна продажба.
Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на вработени да спакуваат 8.832 килограми сув цвет од канабис, набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели биле спакувани над 200 кутии, по што вработените биле испратени на колективен одмор.
„На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци (едниот осомничен во РСМ, а другиот во РС), организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврати пренесени до наведената локација. Во исто време, во атарот на селото Сарамзалино, останатите петмина осомничени на паркинг простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило. Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. По извршениот утовар, осомничените на кои претходно им беше определен краткотраен притвор со товарното моторно возило и приклучното возило, заедно со уште тројца осомничени со ПМВ, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата“, соопшти Обвинителството.
Следниот ден, на 14 јануари во 03:41 часот, товарното возило се исклучило од автопатот и се упатило кон селото Коњух во Србија, каде кутиите со марихуана биле растоварени во објект на правно лице од Крушевац, обезбеден од лица против кои српското обвинителство води истрага.
Јавниот обвинител оцени дека постојат околности што упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство, па на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да донесе решение со кое спрема двајцата осомничени на кои им беше определен краткотраен притвор да биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.

