Економија
Ковачевски: Забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард се владини приоритети на среден рок
Премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на меѓународната конференција „Економски финансиски форум“, организирана од Министерството за финансии, одржа средба со потпретседателката на Светската Банка за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде.
Како што информираат од владината прес-служба, во фокус на дискусијата биле енергетиката и земјоделството како клучни сектори во услови на глобална енергетска криза.
Премиерот ја истакнал важноста на соработката со Светската банка, како и проектите што се спроведуваат за енергетска ефикасност во јавниот сектор и унапредување на образованието, кои се дел од четиригодишна рамка за партнерство со Светската банка, во вкупна вредност од 420 милиони долари.
Целта е насочена кон креирање конкурентна економија, инклузивен и одржлив раст на земјата.
„Владата на среден рок останува посветена на структурните реформи, забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Несомнено е дека економските последици од војната во Украина влијаат на проекциите и на нив е извршена надолна ревизија следејќи го трендот на ревизија на проекциите на глобално ниво. Притоа планот за забрзан економски раст, воспоставен минатата година, а усвоен од Владата, е добар патоказ за постигнување на нашите среднорочни цели и тој е позитивно оценет и од Групацијата на Светската банка“, посочил Ковачевски на средбата.
Ковачевски и Бјерде дискутирале и за важноста од имплементација на зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технологијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на инфраструктурата.
Светската банка во Република Северна Македонија активно работи на повеќе проекти. Нивната реализација и забрзувањето на динамиката на некои од нив исто така била тема на состанокот.
Меѓу нив се проектот за надградба и развој на патиштата, воспоставувањето интегриран информациски систем за управување со јавните финансии, проектот за поврзување локални патишта, проектот за администрација за социјално осигурување, проектот за подобрување на основното образование, проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и проектот за одговор при итни случаи на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

