Македонија
Мухамед Зеќири останува во притвор, одлучи Апелација
Мухамед Зеќири останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Ова е конечната одлука на Апелацискиот суд. Според нив, Обвинителството е во право со мислењето дека ексгенералниот секретар на Владата може да се даде во бегство или да влијае на сведоци. По јавната седница во петокот, одлуката е донесена денеска.
Зеќири не успеа да ги убеди судиите на јавната седница дека и со куќен притвор или гаранција во имот, ќе се обезбеди негово присуство, односно дека нема да ја попречува истражната постапка.
„Ниту имам намера, ниту имам зошто да бегам и да се кријам од органите на прогон. Сакам да напоменам дека бев во тек со предистражната постапка поради функцијата што ја вршев. Јас потпишав да се дадат сите документите што ги побараа од мене, беше експедитивно процесуирано. Да сум сакал да бегам, сум имал простор повеќе од една година бидејќи знаев дека се води постапка. Првиот пат кога беше предложена мерката притвор поднесов оставка, за да не ја попречувам истрагата што се води против мене. Не размислувам ниту имам зошто да бегам. Фамилијарен човек сум, се грижам за четири деца, имам две од првиот брак и имам двегодишна ќерка и посинокот на мојата сопруга, кој е малолетен. Во однос на родителите на сопругата, кои живеат во Германија, сакам да посочам дека тие сега живеат во Македонија, имаат регулиран престој. Тие живеат заедно со нас. Немам намера, ниту имам зошто да бегам. Сакам во фер постапка да докажам дека сум невин“, кажа Зеќири пред судот.
Сега, треба да одлучува кривичниот суд. Пред судија на претходна постапка е гаранцијата во имот вредна околу 280 илјади евра, која Зеќири ја понуди за да добие слобода.
Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на буџетот на Р Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Дента кога му беше одреден притвор, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

