Македонија
Шаќири: Резултатите од државното тестирање на основците ќе бидат основа за позитивни промени во образованието
Со проверка на знаењето по мајчин јазик и математка на 5.800 третоодделеци од 120 училишта, денес започна државното тестирање чија цел е да обезбеди објективни податоци за остварувањето на стандардите на постигањата на учениците за наставни подрачја и наставни предмети од особена важност во текот на основното образование. Таквите податоци во иднина ќе бидат добра основа за креирање на образовните политики кои треба да донесат позитивни промени и поквалитетна едукација на младите, преку следење на современите светски образовни стандарди.
Ова денеска, на отпочнувањето на тестирањето во ОУ „26 јули“ во Шуто Оризари го соопштија министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, институцијата која го спроведува тестирањето.
Поздравувајќи ги сите учесници во тестирањето, министерот Шаќири укажа дека не станува збор за тестови за оценување на поединечните знаења на учениците, туку за оценување на системот на основно образование.
„Наша цел е да измериме, со користење стандардизирани процедури и инструменти, колку успешно нашиот образовен систем им овозможува на учениците да ги совладаат стандардите на државата по предметите за кои се врши тестирање. За да го направиме тоа, потребни ни се податоците за знаењата што учениците ги стекнале во текот на целата учебна 2021/2022 година“, рече Шаќири.
Тој додаде на оваа учебна година почна етапното воведување на реформите на основното образование и дека истите не се популистички, туку, како што рече, навистина имаат за цел нашите ученици да добијат квалитетно основно образование кое обезбедува образовна еднаквост на сите ученици.
„Затоа и ни се важни ваквите проверки на знаењата на нашите ученици. Кога кон нив ќе се додадат и резултатите од меѓународните тестирања, тоа е солидна база за креирање на идните образовни политики, насочени кон поефективно и поефикасно образование“, додаде министерот, потенцирајќи дека на тестирањето му претходеше подготовка преку обуки на директорите, координаторите и наставниците од основните училишта.
Директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска, рече дека ова е прво главно тестирање во рамки на државното тестирање и ќе се спроведува денес и утре, по наставните предмети македонски јазик, албански јазик и математика. Во примерокот се опфатени 79 училишта на македонски наставен јазик и 41 училиште на албански наставен јазик во кои бидат тестирани 4200 ученици по мајчин јазик – македонски јазик или албански јазик и 1600 ученици по математика, на македонски и на албански јазик.
„Државниот испитен центар очекува позитивен став од сите лица кои се директно или индиректно инволвирани во тестирањето и ги охрабрува да го прифатат, не само како законска обврска, туку како личен влог во подобрување на квалитетот на образованието. Посебно е важно да се истакне дека не е потребно, ниту препорачливо какво било дополнително оптоварување на учениците со посебна подготовка за тестирањето затоа што главна цел на државното тестирање е да се добијат објективни податоци за знаењата на учениците стекнати во текот на целата учебна 2021/2022 година“, рече Наумовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

