Изложби
„Зошто тигарот е розов, зошто мечето е зелено“ – изложба за деца во резиденцијата на Европската Унија
Зошто тигарот е розов, зошто гуштерчињата се златни и како се направени да бидат такви, зошто мечето е зелено – ова беа дел од прашањата што петнаесетина дечиња од градинката „11 Октомври“ од скопската населба Бутел ги поставија при посетата на изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и уште што не“ во резиденцијата на Европската Унија. Радосни и љубопитни, заедно со своите воспитувачки, имаа ретка можност да поминат неколку часа во дворот на резиденцијата на Европската Унија и да имаат несекојдневен ден, поразличен од вообичаеното.
Изложбата е инспирирана од начелата на Зелениот договор на Европската Унија, а во изминатите два месеца се реализираа четири дебати на темите што „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“ ги третира.
Дечињата имаа можност да се сретнат со евроамбасадорот Дејвид Гир, да научат повеќе за природата, за тоа како треба да ја чуваме нашата животна околина, беа и креативни и на работилница создадоа свои уметнички дела – печати од листови. Амбасадорот Гир, заедно со Пол Бускот, ги пречека и им посака да се чувствуваат како да се дома. И навистина, прекрасно уредениот двор на резиденцијата за брзо се исполни со безгрижен детски џагор. Кучето на амбасадорот – Нино беше ѕвезда на посетата. Децата трчаа со него и се фасцинираа од убавите тревници на резиденцијата, огромните борови дрвја, стариот керамички ќуп на влезот, како и кошницата со пчели која Бускот грижливо ја негува.
Низ „официјалниот“ дел на изложбата децата ги водеше Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“, која се погрижи за концептот на изложбата. Георгиевски им доближи на децата како се создадени делата и што значат, а тие поставуваа интересни прашања.
Со Мила Јовановска од здружението Go Green зборуваа за рециклирањето на хартијата, како се добива таа, колку е важно да користиме велосипед, а да се возиме помалку со автомобил. Дечињата беа многу љубопитни и отворено поставуваа прашања, а даваа и креативни одговори.
Работилницата за создавање печати со помош на лисја ја водеа уметниците Доротеј Нешовски и Ана Трајковска. Дечињата уживаа да си играат со боја и со природни материјали.
Според воспитувачката Елиса Хасиќ, која 25 години работи со деца во градинка, ваквите средби се
многу важни за нив. Тие ги поттикнуваат креативноста и сигурностa зашто се вреднува нивниот труд.
– Преку уметноста децата го изразуваат тоа што го чувствуваат и тоа што го размислуваат. Темата е многу значајна . Децата најмногу ја разбираат екологијата преку уметноста. Кога треба да нацртаат колку е загадена околината, тие користат темни бои, меѓутоа, кога треба да цртаат чиста природа, тие уживаат во плејада убави бои. Децата од мали нозе можат да научат како треба да се чува природата. Понекогаш ги упатуваат своите родители како треба да постапат. Задоволени се нивната љубопитност и желбата за изразување – вели Хасиќ.
Нејзината колешка Гзимe Кадриу смета дека децата најдобро учат кога нештото го гледаат, набљудуваат, допираат и кога работат и создаваат.
– Не можам да ви опишам колку беа возбудени дека ќе ја посетиме изложбата – сподели таа.
За спомен на денот на посетата, отпечатоци од рачињата на децата ќе останат на ѕидот во резиденцијата, каде што е поставена изложбата „Розеви тигри, златни гуштери и што уште не“. На испраќање, евроамбасадорот Дејвид Гир им се заблагодари што беа одлични гости и им порача на децата да ја чуваат својата животна околина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Изложби
Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа
Фото: Арбнора Мемети
Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.
Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.
Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.
Фото: Иво Велчевски
Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.
Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.
Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.
Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.
Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.
Изложби
„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро
Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.
Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.
Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.
Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.
Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

