Македонија
Заврши првиот дел од Стратешки дијалог Северна Македонија – САД
Во рамките на стратешкиот дијалог досега се одржаа неколку сесии на кои делегациите на Северна Македонија и САД ги отвораа темите од интерес за соработка меѓу двете земји.
По воведните обраќања на шефовите на Делегациите, Бујар Османи и Карен Донфрид, се одржаа и панелите за Регионалните иницијативи, Поврзувањето на граѓаните, Безбедноста и одбраната, како и панелот за Енергетика и животна средина. Соодветно на темите и областите кои ги покриваат панелите, покрај Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со свои излагања и интервенции настапија и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, , министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.
Во рамките на дијалогот беше направен преглед на состојбите и напредокот на земјата по сите теми, како и улогата и поддршката која САД ја обезбедуваат во сите области од взаемен интерес. Беа усогласени голем број теми, кои по завршувањето на дијалогот ќе станат дел од заедничката декларација меѓу Северна Македонија и САД.
Во вториот дел од дијалогот што следи ќе се одржат панелите за Владеење на право и Добро владеење, Трговија и инвестиции, се очекува биде направен и пресек на билатералната соработка. Соодветно, покрај присутните министри, преку видео конференциска врска ќе се вклучи и Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До недела дожд, на повисоките планини и снег, најавуваат метеоролозите
До недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Утре и во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 литри на метар квадратен за 24 часа, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег.
Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат.
Во Скопје, до недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Во сабота во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за ретки грмежи.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Отворена општина за најмладите, градиме одговорни граѓани
Во Општина Центар се одржа серија едукативни посети на ученици од повеќе општински училишта, во рамки на наставната тема локална самоуправа.

Градоначалникот Горан Герасимовски на четвртоoдделенците им ја доближи работата на општината и начинот на кој функционира локалната самоуправа, им објасни и како се донесуваат и реализираат одлуките што го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.

Децата внимателно ја следеа презентацијата и со голем интерес поставуваа прашања за надлежностите и работата на општината, се наведува во соопштението.

„Ми беше чест да им ја доближам работата на Општина Центар на најмладите. Ваквите средби се важни затоа што го поттикнуваат нивниот интерес и свесност за тоа како функционира нашата заедница“, истакна Герасимовски.

Во рамки на посетата се реализираше и едукативната работилница „Нацртај го своето стебло“, во соработка со Сојузот на извидници како дел од проектот „Боренка“, со цел подигнување на свеста за значењето на зачувувањето на животната средина и обновата на опожарени подрачја, се додава во соопштението на Општината.

Македонија
Телевизиите без прекршувања во вториот круг од кампањата – објавен извештајот на АВМУ
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изработи Извештај од изборното медиумско претставување и Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.
Примерокот за мониторингот на изборното медиумско претставување и овој пат ги опфати трите програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис: МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал, како и 8 комерцијални национални телевизии: Сител, Алфа, Канал 5, Телма, Алсат-М, Компани 21-М, Шења и 24 Вести. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
За време на изборната кампања и за време на изборниот молк во вториот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Наодите покажаа дека телевизиите вложија напори да обезбедат подробна информираност на гледачите како потенцијални гласачи за изборната кампања, а преку вестите и преку посебните информативни емисии, се обидоа да ја претстават и пошироката, пообјективна слика за постојниот општествено-политички амбиент во кој се одвиваше изборната кампања.
При медиумското покривање на изборната кампања, медиумите генерално, се придржуваа до професионалните правила за правичност, избалансираност и непристрасност, со почитување на начелото за еднаквост кон преостанатите кандидати за градоначалници. Во однос на обезбедување баланс во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми, генерално известуваа неутрално за учесниците во изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелно- информативна емисија неделно.
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, беше изработен согласно обврската на Агенцијата од Изборниот законик и истиот е доставен до Државната изборна комисија.
Вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 52 часа 56 минути и 15 секунди ППР, а на 19-те радија заедно беа емитувани вкупно 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 100 часа 30 минути и 46 секунди ППР.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа Канал 5 (4 часа 53 минути и 36 секунди), Алсат-М (4 часа 43 минути и 19 секунди) и Алфа (4 часа 42 минути и 17 секунди). Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа Антена 5 (5 часа 29 минути и 47 секунди) и Канал 77 (2 часа 51 минута и 26 секунди). Радио Метрополис емитуваше 53 минути и 5 секунди, а Јон радио не емитуваше ППР во вториот круг.
Извештајот од изборното медиумско претставување на радиодифузерите за вториот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025 е достапен на линкот.

