Европа
Финска и Шведска нема да бидат примени во НАТО на следниот самит на алијансата

Финска и Шведска нема да бидат примени во НАТО на следниот самит на алијансата, кон крајот на јуни во Мадрид.
Како што објасни полскиот заменик-министер за надворешни работи Павел Јаблонски, секоја од земјите што сакаат да станат членки на НАТО мора прво да спроведе одредени реформи за да ги достигне стандардите што ги бара алијансата.
„Мислам дека Мадрид е премногу рано. Ако зборуваме за прием на нови членки во НАТО, тоа е долг процес кој бара процеси во самите земји. Тоа не е ниту толку лесно, ниту толку брзо, а ќе бидат потребни најмалку неколку месеци“, изјави Јаблонски за полското радио РМФ ФМ.
Според него, Турција, која се противи на членството на Финска и Шведска, на крајот ќе се согласи и нема да го блокира процесот.
Да потсетиме, Шведска и Финска официјално аплицираа за членство во НАТО на 18 мај, со што ја напуштија својата повеќедецениска позиција на воено неутрални земји.
За тие две земји да станат полноправни членки на НАТО, потребно е својот глас да го дадат сите 30 земји кои ја сочинуваат алијансата. Но, Турција веднаш соопшти дека нема да гласа за прием на Финска и Шведска, а во првата постапка на нивниот прием дури и го блокираше тој процес.
Според медиумите, сега се врши голем притисок врз двете земји да попуштат пред барањата на Анкара, а во тек се подготовки за официјални разговори меѓу Финска, Шведска и Турција, пренесе Б92.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин