Економија
Битиќи и Тренчевска на Саем за вработување и кариера: Преку младински политики и мерки инвестираме во младите
Заменик-претседателот на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како владини претставници, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Абдулменаф Беџети, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами и претседателот на Совет на Општина Гостивар, Валбон Лимани, како претставници на локалната власт, се обратија на отворањето на дводневниот Саем за вработување и кариера во Младинскиот ресурсен центар „ I Can“ во Гостивар.
Целта на настанот е директно поврзување на младите невработени лица со приватниот сектор од Полошкиот Регион и пополнување на отворените работни позиции во неколку индустрии, како и поттикнување дискусија за соодветните модели за младинско активирање на пазарот на трудот.
„Јасна слика и визија за иднина е она што тие сакаат и мораат да го видат, но и да веруваат дека е можна! Визија, која мора да биде доволно јасна, конкретна и во склад со нивните потреби што ќе им овозможи со неа тие да ги идентификуваат своите амбиции и животот кој посакуваат да го живеат и ќе сакаат да го реализираат во својата држава. Токму затоа минатата година започнавме еден навистина инспиративен и сеопфатен процес на креирање документ/стратегија кој претставува заедничка визија за развојот на нашата држава и општество во претстојните две декади. За што си даваме доволно време за да овозможиме најголема можна инклузивност и транспарентност за да ги слушнеме сите кои сакаат да придонесат кон заедничкото креирање на нашата иднина.
Ова ќе резултира со креирањето на Националната развојна стратегија 2022 – 2042 година, која се надевам дека ќе им ја овозможи таа јасна слика во која секој од нив ќе може да се види и препознае. Која ќе им дава насока, но и слобода, слобода која се добива само кога се чувствуваш сигурен дека позади тебе стои силна и стабилна држава во која и со која можеш да ги реализираш сите твои замисли и потенцијали. Ова е мојата мисија со која влегов во политика и поради која секое утро влегувам во канцеларија“, рече Битиќи.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се осврна на политиките и мерките кои Министерството за труд и социјална политика ги реализира изминативе години, а се во насока на развивање на системски пристап во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат младите, преку имплементација на политики за вработување и носење посебни закони.
„Високата реализација од 94,6 % реализирани мерки на Оперативниот план за активни програми и мерки 2021 година со опфат од 11.292 невработени лица, од кои 66% се млади лица до 29 години, зборува за посветеноста на политиките насочени кон младите лица. Со цел зголемување на конкурентноста на младите невработени лица до 34 години со средно образование на пазарот на труд, овозможивме стекнување на практични работни знаења и вештини, преку мерката Практиканство. Во 2021 година вкупно 1287 млади лица или повеќе од 90% од планираниот број успешно се вклучија во мерката и се стекнаа со знаења и работни вештини во реални работни услови. Оваа година, вкупно 957 компании покажаа интерес за практиканти и аплицираа во Центрите за вработување. Досега се склучија 655 договори помеѓу компании и лица -практиканти, а склучувањето на договори продолжува и понатаму. Побарувачката за лица -практиканти од овие компании која надмина 1000 лица, ја потврдува атрактивноста на мерката Практиканство“, рече Тренчевска.
УНДПМК е долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика во реализација на неколку активности и проекти поврзани со креирање можности за работа за сите, со посебен фокус на ранливите категории вклучително и младите.
„Со поддршка на швајцарската амбасада во 2020 година го отворивме Младинскиот ресурсен центар со цел презентирање можности и модели за младите невработени лица и нивно поефикасно активирање на пазарот на трудот. Во таа мисија, партнерствата со различните чинители од локалните заедници се многу важни во создавање поволна почва за искористување на младинскиот потенцијал и креирање атмосфера за нови и подобри работни места“, изјави Армен Григорјан, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации во земјава.
Дводневниот саем за вработување и кариера, организиран од Младинскиот ресурсен центар, претставува одлична можност за поврзување на универзитетите, претприемачите и младите, односно трасирање на патот на младите од дипломирањето кон вработувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

