Македонија
(Видео) Мицкоски до Владата: Оставете го инаетот, прифатете ги нашите предлози за ДДВ и за горивата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ предлага законски измени за повластена стапка на ДДВ-то за горивата и храната, но владата се инаети и не ги прифаќа бидејќи истиот е предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме ценовен шок, растат цените на горивата, ние предлагаме, но, за жал, владата одби да се продолжи мерката за повластена стапка на ДДВ и за горивата и за прехранбените производи и за производите за коишто важеше до сега. Но, биејќи тоа ВМРО-ДПМНЕ го предлага, а на владата не ѝ текна, еве ќе видите дека тие ќе се инаетат и ќе речат нема да го прифатиме тоа. Затоа што ВМРОД-ПМНЕ го предлага тоа и само поради тоа граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки, ќе имаат понизок стандард и помалку пари“, вели Мицкоски.
Тој побара од владата да го остави инаетот на страна и да не покажуваат сила и мускули бидејќи така само граѓаните губат.
„Ние имаме работа со влада којашто не само што нема визија туку не знае ниту политика. Тоа е најголемиот проблем, тие мислат дека со инает ќе покажат мускули и сила. Но така губат граѓаните“, смета тој.
„Нека го поддржи владата овој закон за повластена стапка на артиклите, на горивата, еве нека биде владата предлагач, не мора ВМРО-ДПМНЕ, апелирам овде, од Битола, ама доста се инаетите, со инает ништо не се постигнува бидејќи граѓаните губат“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.