Македонија
ЕСМ: Наместо да шири паника, Мицкоски нека ги советува градоначалниците како да штедат струја
Oд Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го осудуваат, како што велат, крајно неодговорното однесување на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, според нив, очигледно е опседнат со ЕСМ и со енергетиката и покрај тоа што нема никаква основа.
Реакцијата следи откако Мицкоски денеска изјави дека ќе има поскапување на струјата.
„Мицкоски како советник во Владата на Никола Груевски ја зголеми цената на струја за 100 отсто. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ купуваше струја за над 200 евра од мегаватчас во моменти кога цената на берза изнесуваше 50 евра за мегаватчас. Мицкоски како директор на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ дозволи 10 години да не биде направен ремонт на трите блока на РЕК Битола. Мицкоски не исплаќаше К-15 на вработените во АД ЕСМ. Мицкоски ниту еднаш не ги покачи платите во ЕСМ. Зошто тогаш Мицкоски смета дека има легитимитет воопшто да зборува за енергетиката?“, прашуваат од ЕСМ.
Од таму порачуваат дека наместо да шири паника меѓу граѓаните, Христијан Мицкоски треба да ги советува градоначалниците како да ги намалат трошоците за струја, без да се поигруваат со системот.
„АД ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниту еден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили и со голема поддршка од Владата. АД ЕСМ изминатите пет години е заштитник на цената на струјата за граѓаните. И ќе биде се додека на чело на компанијата е овој менаџерски тим“, се наведува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Пронајдено лице пријавено за изгубено на Водно
Регионалниот Центар за управување со кризи – Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк – шумата Водно.
Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.
– Од полициската станица – Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.
Македонија
Почина таткото на Тоше Проески
Почина Никола Проески – татко на музичарот Тоше.
Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.
„Светол патот, татко мој“, напиша таа.
Музичарот Тоше Проески загина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска. Неговите родители, по смртта на синот, не се појавуваа во јавноста.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ветува изградба на магистрален гасовод од Свети Николе до Велес
За Свети Николе предвидуваме изградба на магистрален гасовод до Велес, реконструкција и проширување на патот до Пробиштип, реконструкција и проширување на градинката „Рахилка Гонева“ и нови 8 милиони евра за општината Свети Николе, изјави Драган Ковачки, носител на третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ.
„Почитувани граѓани, за земјоделците од овој крај, вклучително и за сите земјоделци, предвидуваме 800 милиони евра коишто ќе бидат директна поддршка за земјоделците, за навремени субвенции, за чистење на водоснабдителните системи. Нашите земјоделци заслужуваат подобар живот. Нашите граѓани заслужуваат подобар живот“, рече Ковачки.
Повика на излезност на изборите на 8 мај.