Македонија
Наскоро судски процес за случајот со хрватскиот ракометар Тот

Предметот за убиството на ракометарот Денис Тот е во завршна фаза. Ова во интервју за „А1он“ го потврди првиот човек на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.
Тој посочува дека има индиции оти причината за убиството е место за во такси. Објасни дека се сретнал и со родителите на Тот, за кои кажа дека се разбрани луѓе кои бараат правда, ќе учествуваат во постапката, но не вршат притисоци иако случајот е меѓународен со оглед дека Тот е хрватски државјанин.
„Уште некои појаснувања треба и во однос на фактите во однос на Судска медицина во однос на свесноста на трагично починатиот по ударите. Тоа е од прилика суштината на која треба да се одговори, која е важна и за правната квалификација на кривичното дело“, вели Бубевски.
Во судската постапка ќе учествува и семејството на починатиот Тот. Неговиот татко направил увид во доказниот материјал, дал свој исказ за отштетно правното побарување.
„Имајќи предвид за каква загуба се работи, можам да кажам дека човекот не прави никакви притисоци, влијанија врз предметот. Предметот има меѓународен карактер, но не користи ни такви работи. Човекот си ја бара правдата за своето дете“, посочи Бубевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Од 7.000 на 10.000 го зголемуваме надоместокот за новороденче“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, на средби со граѓаните „од врата до врата“. Во разговорите со центарци, тој најави дека во новата програма надоместокот за новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари.
„За 50% го зголемуваме надоместокот за новороденче, од 7.000 на 10.000 денари. Со оваа мерка ги поддржуваме центарските семејства.. Родителите добиваат поголема финансиска поддршка во најважниот период, кога се раѓа нов живот и започнуваат нови семејни предизвици. Ги зголемуваме субвенциите за сите категории на граѓани“, рече Герасимовски.
Тој, потенцираше дека развојот мора да продолжи, а концептот „За Центар што го сакаме“ е единствениот што нуди поквалитетен живот на центарци.
„Развојот мора да продолжи, а тоа ќе го постигнеме ако сите заедно се обединиме „За Центар што го сакаме“. Затоа, ве повикувам во недела, 19 октомври, масовно да излеземе на гласање и да го дадеме својот глас за бројот 5, за напредени модерен Центар“, порача Герасимовски.
На средбите со граѓани, тој ги презентираше и клучните проекти за вториот мандат, меѓу кои: модерен дом за стари лица на Водно, нова градинка во близина на Клиничкиот центар, набавка на две цистерни и пет метларки, ограничување на движењето на возилата во Дебар Маало за намалување на метежот, изградба на две монтажни катни гаражи, нов административно-граѓански објект, два покриени базени, како и воведување на „Центарска картичка“ со бројни поволности и попусти за жителите.
„Во изминативе години покажавме што значи одговорно и посветено водење на општина. Реализиравме проекти што го подобрија секојдневието, уредивме улици, зголемивме зеленило и создадовме подобри услови за младите и повозрасните,“ рече Герасимовски.
Македонија
„ЈО и Коцевски да одговорат дали дискотеката Пулс платила 40.000 евра, дали Спасовски ја спасил Пулс од казна“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„ЈО и Коцевски да не молчат и да кажат на јавноста дали дискотеката Пулс платила казна од 40.000 евра или сепак како што се трвди во телефонската комуникација што излезе во јавноста Спасовски интервенирал за да се избегне плаќање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку казната не е платена Спасовски итно треба да е повикан на одгoворност и целата постапка да се истражи до крај. Доста е со калкулации, со заштита на моќниците блиски до СДС, потребно е конечно да се стави крај на политичките влијанија во судството.
Дали Спасовски ја спасил Пулс од казна и која е неговата улога во аферата?
До кога ќе молчи ЈО и Коцевски?
Дали Љупчо Коцевски има задача да ги штити функционерите од СДС?
Одговорност мора да има за секој кој е инволвиран во случајот со дискотеката Пулс. Овој случај не смее дополнително да ја поткопа довербата во институциите и судството.
Секој сомнеж мора да биде расчистен. Секој кој е вмешан во случајот треба да се санкционира. Да се стави крај на заштита на привилегираните функционери на СДС и ДУИ. Време е за владеење на правото и правдата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Само со темелни реформи може да го смениме системот, тоа е мојата политика

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кочани, нагласи дека во изминатата година неговата борба била насочена кон суштински промени во судството, институциите, за темелни реформи.
„И затоа, во изминатата година, се борев за вистинска, искрена реформска промена на оваа држава. Се борев да направиме темелни реформи во судството и институциите. Се борев да ја турнеме оваа земја напред кон ЕУ затоа што само така, верувајте, можеме од корен да ги смениме работите”, порача д-р Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека и покрај потешкотиите и недостигот на политичка волја кај дел од лидерите, останува посветен на идејата за национално обединување околу реформите.
„На моменти се понижував и одев да разговарам со сите лидери за да им објаснам дека е важно да направиме национално обединување околу реформите, околу патот напред. Затоа што знам дека само тоа е решението за сите идни генерации. Но не прифатија. И ме исмејуваа дека сум бил наивен”, рече д-р Филипче.
Тој порача дека вербата во промените не е наивност, туку одраз на искрено лидерство, нагласувајќи дека реформите, чесноста и одговорноста се единствената патека што ќе обезбеди стабилна, праведна и европска иднина за сите граѓани.
„Но не е наивност искрено да веруваш во промени. Искрено да се бориш за нив. Не е наивно да подаваш рака за реформи и да не калкулираш. Да поднесуваш документи со кои се решаваат децениски застои и блокади. Тоа не е наивност. Тоа е лидерство”, заклучи д-р Филипче.
Тој додаде дека единствениот пат напред за државата е преку вистински и темелни реформи кои ќе го променат системот од корен.
„Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот. Да ја смениме иднината”, рече д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“, која се одржа во Кочани.