Македонија
(Видео) Стоилковски: За три месеци, Македонија загубила 214.514 работоспособни луѓе
Или државната статистика лаже поради несовесно работење или за неполна година од Македонија се иселиле, т.е. избегале 220.000 луѓе, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Според извештајот за пазар на трудот, активно население, за првото тримесечје 2022 година, каде што има табела за вкупно работоспособно население, за четвртиот квартал минатата година, октомври – ноември – декември, запишани се 1.681.863 работоспособни во Македонија. За првиот квартал годинава, јануари – февруари – март, запишани се 1.467.349 луѓе!
Тоа значи дека за нецела половина година, односно три месеци, Македонија загубила точно 214.514 работоспособни луѓе! Работна сила!
Според статистиката – од активното население, последниот квартал лани имало 937.482 лица, што се водат за активни, односно 795.276 вработени. Веќе до март годинава 811.197 активни, од кои 691.498 вработени. Или 103.778 помалку вработени! Но, не расте бројот на невработените. Од 142.206 невработени до крајот на 2021 година, веќе до април има 119.699. Или 22.507 помалку. Вкупно 126.285 вработени или невработени, како што ги посочуваат „активно население“! Од тие што ја напуштиле државата, 103.778 напуштиле работа. 22.507 што барале работа, како и 88.229 работоспособни луѓе што немале работа, а според СДСМ и ДУИ – не барале работа“, рече Стоилковски.
Според Стоилковски, ова е насилно прогонување, егзодус, на работоспособното население.
„Ова е резултат на политичката манипулација, само и само за гола власт, резултат на партизацијата, на криминалот, на корупцијата од власта. Додека СДСМ и ДУИ слават, над 214 илјади избегале од државата, пред сè, поради економски причини! Ова е јасен показател за економската катастрофа и лагите од СДСМ и ДУИ, лагите за блескање, економски раст и лагите намалување на невработеноста“, додаде тој.
Стоилковски ги повика граѓаните да им се придружат на протестот закажан за 18 јуни, во 20 часот, пред Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

