Свет
САД: Нашиот одговор ќе биде силен ако Пјонгјанг изврши нуклеарна проба
Заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, денеска предупреди дека ќе следува силен одговор од Вашингтон доколку Северна Кореја ја изврши првата нуклеарна проба по речиси пет години.
„Секое нуклеарно тестирање би било целосно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Ќе следува брз и силен одговор на таков тест“, рече Шерман во Сеул по состанокот со заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Чо Хјунг-донг, пренесува АП.
Американскиот функционер, кој е во Сеул на разговори со јужнокорејски и јапонски претставници, исто така рече дека „продолжуваат повиците Пјонгјанг да престане со своите дестабилизирачки и провокативни активности и да го избере патот на дипломатијата“.
Шерман и Чо планираат трилатерална средба со јапонскиот заменик-министер за надворешни работи, Мори Таке, в среда за севернокорејското нуклеарно прашање, а нејзиното патување во Азија дојде откога Северна Кореја лансира осум балистички ракети со краток дострел во морето од својот источен брег во неделата.
Јужнокорејските и американските сили вчера лансираа осум проектили „земја-земја“ во период од 10 минути како одговор на осумте проектили лансирани од Пјонгјанг, пренесе агенцијата „Јонхап“.
Официјални претставници на САД и Јужна Кореја претходно изјавија дека Северна Кореја е на работ да изврши уште еден тест на нејзиниот полигон за нуклеарни тестирања во североисточниот град Пунгери, што последен пат беше направено во септември 2017 година кога Пјонгјанг тврдеше дека детонираната термонуклеарна бомба била наменета за интерконтинентални балистички проектили.
Администрацијата на Бајден вети дека ќе изврши притисок за дополнителни меѓународни санкции доколку Северна Кореја продолжи со нуклеарни тестови, но изгледите за нови санкции се неизвесни бидејќи Советот за безбедност на Обединетите нации е поделен околво врска со војната на Русија против Украина.
Русија и Кина ставија вето на резолуцијата предложена од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

