Македонија
(Видео) Вархељ во Охрид ја поздрави иницијативата „Отворен Балкан“, Ковачевски нагласи дека главната цел е ЕУ
На самитот за иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид, денеска пристигна и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархељ.
Претходно беше најавено дека Вархељ ќе се обрати на официјалното отворање на самитот преку видеоврска, како и американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Официјалниот и работен дел на состанокот на оваа регионална иницијатива почна со обраќања на лидерите од регионот.
Со поздравни говори и со желби за успешна работа пред учесниците и гостите на самитот се обратија македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, српскиот претседател, Александар Вучиќ, албанскиот премиер, Еди Рама, како и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министрите на БиХ.
Во своето обраќање на отворањето на самитот премиерот Ковачевски, поздравувајќи ги присутните, ги истакна придобивките од регионалното поврзување и соработка.
„Ова е време на големи предизвици што бараат храбри одлуки и заедништво. Иницијативата ‘Отворен Балкан’ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој – ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот.

„Отворен Балкан“ веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите што превезуваат земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде им застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери. Знам дека чекањето на камионите е намалено, но знам дека можеме уште подобро и за тоа се залагаме заедно преку намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.
Бенефитите од „Отворен Балкан“ и меѓусебното помагање меѓу државите и народи ние го осетивме уште летоска. Како резултат на договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите на Северна Македонија ѝ помогнаа во интервенција на пожарите што ја зафатија нашата земја минатото лето“, нагласи премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека денеска ќе бидат потпишани нови договори и меморандуми за соработка.
„Со ваемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Недостатоците од работна сила најпрвин ќе си ги надополнуваме меѓусебно, што е причина повеќе младите да ни бидат тука, да не ни бегаат во светот.

Денес, отвораме и ново поглавје во нашата соработка во областа туризам. „Отворен Балкан“ заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.
Денес, лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање заеднички календар на културни настани, што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена.
На овој самит ќе се потпише и меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, со што создаваме нова можност за полесно прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги“, рече Ковачевски, кој истакна дека се остварува нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ.
Премиерот нагласи дека политичка цел на земјите од иницијативата е јасна и единствена, а тоа е дека Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија.
„Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме“, порача Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.
Македонија
Сали-Вајц: Билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата беше разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што беше реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Филипче: Владата ја турка Македонија во изолација, изложена на туѓи авторитарни влијанија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче.
Граѓаните мора да знаат, додаде тој, дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.
„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.

