Економија
ССК: Воспоставување брза лента на границите за туристичките автобуси во рамки на „Отворен Балкан“
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, и претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, беа дел од самитот „Отворен Балкан“, кој се одржа во Охрид, како настан од голема важност на кој присуствуваа највисоки државни претставници од нашата земја, Албанија, Србија кои се дел од Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и претставници на деловните мрежи, туристичкиот сектор.
Ангелоски истакна дека иницијативата „Отворен Балкан“ е исклучително важна бидејќи ќе ја унапреди економската соработка во регион, што сега е потребно повеќе од кога било порано, ако се земат предвид сите негативните фактори кои ги зесегаат бизнисите, граѓаните и општествата пошироко.
„Ние како претставници на бизнис-заедницата ставаме акцент на забрзување на протокот на луѓе и стоки, што е од особено значење за непречено одвивање на деловните активности. Во таа насока истакнуваме иницијатива за воспоставување зелена линија за движење на патници и туристички автобуси во земјите кои се дел од ‘Отворен Балкан’“, истакна Ангелоски.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот, Аркан Керим, појаснува дека иницијативата се однесува на организираните туристички автобуси за кои би се овозможило брз проток на граничните премини во земјите од „Отворен Балкан“, како и за организирани туристички посети кои доаѓаат од трети земји.
„Автобусите сега се задржуваат на граничните премини два до три часа што е навистина загубено време. Ова е проблем на речиси сите гранични прекини. Затоа и ја истакнуваме оваа иницијатива која ќе има значаен позитивен ефект. Туроператорите или туристичките агенции кои ги организираат патувањата ќе имаат обврска една недела пред патувањето да ги информираат граничните служби за личните податоци на патниците како име и презиме и бројот на патната исправа “, појаснува Керим.
Претставниците на Сојузот во рамките на самитот остварија средби со високите претставници на државните институции од другите земји, како и со претставниците на стопанските комори на кои меѓу другото акцент се стави на големиот потенција за развој на туризмот.
„Нашата иницијатива беше одлично прифатена бидејќи сите се соочуваме со истиот проблем. Се договоривме заеднички да работиме на реализација на оваа идеја, секој во својата земја и до септември да се обидеме ова да го имплементираме во пракса“, истакнува претседателот на Туристичко-угостителската комора.
За реализација на оваа иницијатива позитивно окружување создава и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот, кој го потпишаа министри од нашата земја, Албанија и од Србија. Со овој документ се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

