Економија
Од денеска општините ќе можат да аплицираат на јавниот повик за изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска пред претставниците на ЗЕЛС, го презентираше јавниот повик за изградба на пристапни патишта до земјоделско земјиште, на кој може да аплицираат општините. Јавниот повик е финансиран со средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година.
Финансиската поддршка е во висина од 100% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци на инвестицијата, а се исплаќа по целосното завршување на инвестицијата од страна на корисникот. Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 1 милион денари. Изградбата на пристапните патишта до земјоделските површини се од голема важност за земјоделците, навремено и без проблеми да можат да ги извршуваат земјоделските активности.
На последниот повик за поддршка во изградба на пристапни патишта до земјоделски површини распишан во 2018 година, аплицирале и искористиле средства 21 општина, со вкупна вредност на поддршката од 15,5 милиони денари.
Максималниот износ за поддршка по корисник преку мерките 321 и 322 изнесува 20 милиони денари.
Обрасците „Барање за финансиска поддршка” со листата на потребни документи може да се подигне на веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или директно во Агенцијата секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Пополнетото „Барањата за користење финансиска поддршка“ за овој јавен повик заедно со целокупната потребна документација, треба да се достават во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои ознаката “НЕ ОТВОРАЈ“, за Јавен повик број 09/2022 и назначување на шифрата на мерката за која се поднесува барањето.
Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Крајниот рок за доставување на барањата е 09.07.2022 година, информираат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.