Македонија
(Видео) Герасимовски: Ги стопираме градежните дејствија на сите 8 парцели на Водно
Општина Центар стопира градежни дејствија на вкупно 8 парцели кои се дел од ДУП Ј07 кој го опфаќа локалитетот Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно во кои припаѓа и градежната парцела на инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ во парк шумата Водно до која нема пристапен пат.
На денешната редовна 11-та седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски побара дополнување на дневниот ред со точка за стопирање на сите градежни дејствија во ДУП Ј07 за кои во изиминатиот период имаше многу полемики и незадоволство од граѓаните на Водно.
„Со оваа одлука на денешната седница практично се стопираат сите градежни дејствија со што ниту едно дрво во тој потег од парк шумата Водно нема да биде исечено и таа ќе остане недопрена и заштитена од предвидените градежни активности“, изјави Герасимовски.
Стопираните градежни активности се однесуваат на парцела на која веќе се почнати градежни дејствија од инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ кој има добиено одобрение за градба. Покрај оваа, стопирани се и други 7 кои се потенцијални плацови за градба. Во меѓувреме инвеститорот до општината има поднесено барање за изградба на пристапен пат до парцелите во должина од околу 130 метри поради што требаше да се сечат дел од дрвата на овој потег, појаснуваат од таму.
„Општина Центар постапи по барањето за изградба на пристапниот пат, по што на терен излезе геодет кој утврди дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелиот закон. Согласно ова, во овој момент Општина Центар ги прекинува сите постапки за овој дел од планот“, се додава во информацијата.
„Повикувајќи се на извештајот од Секторот за уредување на градежно земјиште според кој е утврдено отстапување од наклонот, јас како градоначалник, нема да издавам одобренија за градење за овој простор и овие 8 парцели. Со ова се заштитува зелениот појас на Водно но и се почитуваат законските прописи. Јас неколкупати досега повторив дека нема да дозволам никакви отстапки од предвидените нормативи и стојам на зборот. Водно ќе остане какво што е и на овој потег и ниту едно дрво нема да биде исечено“, изјави Герасимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

