Македонија
Арсовска: Неопходна е системска поддршка и фер третман за кариерен напредок на жените
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска учествуваше на трибината „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата”, во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Центарот за европски студии Вилфред Мартенс каде учество имаше и европратеничката Марион Валсман.
Арсовска истакна дека жените се стремат кон стил на лидерство кој е покооперативен и инклузивен, како и дека повеќе жени претставници на раководни функции е поврзано со пониско ниво на корупција.
„Во Македонија под 1% има жени на лидерски корпоративни позиции, а жените одлучно можат да водат и да создаваат инклузивни општества, како и да создадат поинаква можност за демократичност во одлучувањето. Постојат докази кои сугерираат дека овозможување учество на повеќе жени во политиката води до подобра имплементација на услугите и инфраструктурата за социјална и здравствена заштита. Жените лидери можат да ја менуваат рамката на политиката, со воведување законодавство од областа на решенија за сузбивање родово-базирано насилство. Жените лидери се поврзани со пониски нивоа на конфликти, помалку прекршувања на човековите права и ја зголемуваат довербата во институциите“, истакна Арсовска.
Таа се осврна и на родово-базираното насилство, кое е општествен проблем, како и дека суровоста со која се напаѓаат жените е навистина загрижувачка и за надминување на овие состојба неопходна е заедничка работа и голема поддршка.
На настанот се дискутираше за предизвиците со кои жените се соочуваат во политичките процеси, како и за можните системски решенија за надминување на детектираните недостатоци. Во оваа пригода беше изразена и загриженост за родовата нееднаквост во политичките процеси и беше истакнато дека родовата еднаквост е битка за владеење на правото и човековите права, а општеството треба да е пристојно место за политички натпревар.
„Во општеството мора да постои систем на поддршка за сите жени кои се предмет на напад, да се цени квалитетот, да постои меритократија како критериум наместо политичка припадност. Доколку жените се дозволи да бидат напаѓани, да нема осуда и одговорност за таквите постапки, нема да се постигнат целите кон кои сите се стремиме и жените сè поретко ќе се охрабруваат да учествуваат во изборните процеси. Исклучително е важно обезбедување системска поддршка која ќе гарантира економска сигурност и финансиска независност, како и фер третман за овозможување кариерен напредок на жените“, истакна Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

