Контакт

Економија

Земјоделството и младите – клучен дел од агендата за развој на ЕУ

Објавено пред

„Здрава, безбедна и достапна храна“ беше тема на последната дебата поттикната од Европскиот зелен договор, инспирирана од изложбата „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Како да се мотивираат младите да се занимаваат со земјоделство, како да се зголеми нивниот ангажман во земјоделството како клучен дел од агендата за развој, што им е неопходно, беа дел од прашањата на кои дебатираа триесетина претставници на институции, здруженија и поединци што се занимаваат со земјоделство, полјоделство, лозарство и овоштарство, пчеларство.

dobivaj vesti na viber

Домаќини беа евроамбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, Маргарита Делева и Константинос Супилас од Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Своите ставови ги пренесоа Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Ванчо Кировски од Националната федерација на фармери, Сузана Димитриевска од Националната асоцијација на земјоделски задруги, и Виктор Ѓамовски, директор на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Пред дебатата присутните ја разгледаа изложбата инспирирана од проблемите со биодиверзитетот и климатските промени. Кураторот Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“ ги воведе во делата на уметниците Велимир Жерновски, Маја Кировска, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (кои работеа на заеднички проект), Ненад Тонкин и Озбек Ајваз.

Бускот беше особено среќен што многу млади луѓе, пчелари и земјоделци, присуствуваа и активно беа вклучени во дебатата. И самиот одгледува кошница со пчели во дворот на резиденцијата, а израснал на фарма во Белгија каде што неговите родители се занимаваат со органско производство на храна.

– Затоа оваа тема ми е многу блиска и важна. Свесен сум дека земјоделците не се луѓе на кои зборувањето им оди од рака, но ги охрабрувам учесниците да се вклучуваат активно во дискусијата. Кажете што ве мачи, со какви предизвици се соочувате. Сакам да ги чујам вашите предлози и идеи, сосема е неважно како ќе ги соопштите – ги охрабри Бускот учесниците.

На него се надоврза Супилас, програмски менаџер за земјоделство и рурален развој при Делегацијата на ЕУ, и ги повика присутните да аплицираат на актуелниот повик објавен на веб-страницата на Делегацијата на ЕУ, кој трае до 18 јули.

Мила Јовановска од невладината организација „Биди зелен“, модератор на дебатата, ги пренесе предвидувањата на Светската здравствена организација дека до 2050 година 7 од 10 луѓе ќе живеат во градовите. Тоа значи дека уште повеќе млади ќе ги напуштат руралните средини, што дополнително ќе го зголеми недостигот на храна со кој светот допрва ќе се соочи.

Ванчо Андонов е млад човек од Струмица, дипломиран програмер кој пред една и пол година го напуштил ИТ-секторот и целосно се посветил на дотогашното хоби – пчеларството.

– Дотогаш работата ми беше врзана со компјутер. Се случуваше да завршам со работа, да направам мала пауза, па да продолжам уште неколку часа работејќи на друг проект. Пчеларството прво беше релаксација, да излезам во природа. Сега ми е главна дејност. Произведувам мед, матичен млеч и други производи. Пчеларството е многу подоходовна гранка од земјоделските производи зашто медот не се расипува. Тоа е огромна предност и за одржување на цената на производите – објаснува Андонов.
Зоран Богоев од Кочани вели дека од дете чувал животни. Пред 3-4 години се насочил кон одгледување пчели. Многу му помогнала обуката што ја завршил лани. Тој познава многу млади што почнуваат да се занимаваат со пчеларство, а дури половина од нив се жени, што порано било невообичаено.

Магдалена Јанчова е инспиративна млада жена од виничкото село Грљани. Нејзиното семејство произведува мед и други производи од пчели, продукти од козјо млеко, а се занимаваат и со хортикултура. Таа е магистер по фармација и се наоѓа на крстопат дали да продолжи со оваа професија или целосно да му се посвети на семејниот бизнис.

– Ми се останува на село, да продолжам со она во што моето семејство го вложи сиот свој живот. Но, треба да сме свесни дека условите се различни во секое место. Некаде има, некаде нема инфраструктура. Има села со многу лоши услови за живот, без вода, со нестабилна струја. Новите машини не поддржуваат слаба струја и се неупотребливи. Овие нешта државата мора да ги среди, не зависат ниту од младите ниту од земјоделците – вели Јанчова.

Таа апелира институциите да им овозможат на младите подобри услови за да сакаат да останат на село. Нејзиното семејство ги обработува нивите на други луѓе. Бидејќи немаат земјиште на свое име, не можат да користат субвенции од државата.

Директорот Бачовски објасни дека со договор за закуп на земјиште може да се пријават за субвенции. Со новите измени во легислативата, предност во давањето земјиште под концесија ќе имаат локалните жители, а младите до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање надомест за користење државно земјиште во првите три години. Бачовски вели дека во последните три години за три пати се зголемени субвенциите за одгледување пчели.

– Секоја година доделуваме грантови за млади земјоделци од 10 до 20 илјади евра. Ние сме мала држава, но 65 отсто од хранатa во светот ја произведуваат малите земјоделци. Многу е важно земјоделците да се насочуваат и кон преработка на своите производи, од млеко – сирење, од грозје – вино, бел, прочистен ориз наместо арпа – вели Бачовски.

Ванчо Кировски нагласи дека се многу важни заштитата и истакнувањето на географското потекло на производот што се продава. Така ќе се зголеми и свесноста кај потрошувачите за домашните производи и препознавањето на квалитетот. Според него, едукацијата за пчеларство дала исклучителни ефекти кај пчеларите и такви обуки треба да се спроведат и кај преостанатите земјоделци. За Даниела Станкова, производителка на ориз од селото Крупиште, главен проблем е ниската цена на откупот, поради што веќе втора година оризот не ѝ е откупен. Арбен Асани, одгледувач на грозје од скопското село Бојане, вели дека младите ретко се решаваат на оваа дејност иако имаа добра инфраструктура околу главниот град. Тие или заминуваат во странство или не сакаат да работат.

Според Сузана Димитриевска, повеќето граѓани кај нас имаат роднини на село од кои купуваат производи верувајќи дека се здрави. Но секој производ произведен на село не значи дека е од органско производство. Затоа треба да се работи повеќе на истакнување на органските производи и на пазарите и во маркетите. За извозот, главен проблем е недостигот на инфраструктура за чување и преработка на производитe.

– Здружувањето на фармерите во задруги е многу важно бидејќи така може да користат фондови од ЕУ и од државата. Неопходен ни е и високообразовен кадар. Најважни, сепак, се младите. Не да работат на нивите, туку да се вклучат во развој на земјоделството – вели Димитриевска.

Виктор Ѓамовски од Земјоделскиот институт изнесе интересни податоци. Просечната старосна структура на земјоделците во државава е 58 години. Ако порано на Земјоделскиот факултет се запишувале по 400 студенти годишно, денес одвај има 80, од кои 30 студираат агромаркетинг, 20 здравје и безбедност на храна, по два-тројца има на сточарство и овоштарство и лозарство.

– Пак немаме производители. Треба да се работи на свеста на младите уште во градинка. Зошто да не поминат еден ден на селска фарма, да го видат производството? Ние мора да им понудиме инфраструктура на младите во руралните подрачја, не можеме да очекуваме да им дадеме нива и субвенции, а да не им овозможиме задоволување на основните потреби на еден млад човек. Многу млади од урбаните средини романтично го доживуваат земјоделството – ставаш каубојски шешир и јаваш во преријата. Не е така. На свеста кај младите треба да се работи системски, не стихијно – дециден е Ѓамовски.

Младиот европски амбасадор Ѓорѓи Ристов правел анализи за состојбите со производители на грозје. Според него, треба да се работи на зголемување на довербата на лозарите во институциите, а во тоа многу би помогнало гарантирањето на минималната цена на производот.

Павел Милановски од Куманово е млад уметник, средношколец во „Лазар Личеноски“ во Скопје. Тој лани доби награда на изложбата „Иднината на Европа“ во трговскиот центар „Ист гејт мол“. Милановски беше награден за постер.

– Ме инспирира роднина кој често го посетувавме на село кога бев мал. Тој макотрпно работи, а производите најчесто ги продава за многу ниски цени. Тие (земјоделците) се потценети во општеството. Затоа сакав да ги претставам како суперхерои – вели Павел.

Евроамбасадорот Гир раскажа анегдота кога на почетокот на неговиот мандат ги прашал тогашниот премиер Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски што ќе ѝ донесе Северна Македонија на Европа кога ќе влезе во Унијата.

– Тие дадоа добри одговори, но јас секој ден наоѓам понекоја нова, фантастична, дополнителна причина – прекрасниот мед, одличните домати… Сепак, најголемите ресурси што ги гледам сте вие, младите и вашите фасцинантни стории – заврши Гир.

Економија

Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата

Објавено пред

ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.

dobivaj vesti na viber

На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.

 

Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.

„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.

 

Прикажи повеќе...

Економија

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети

Објавено пред

Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.

dobivaj vesti na viber

Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.

„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.

„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.

Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.

Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.

Прикажи повеќе...

Економија

Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар

Објавено пред

Од

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.

dobivaj vesti na viber

Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.

Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.

„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.

Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.

Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.

Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.

Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.

На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија3 минути

АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава

Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство,...

Свет2 часа

Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош

Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од...

Македонија17 часа

Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот

Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување...

Македонија18 часа

Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата

Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот...

Македонија20 часа

Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас

Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас. Откако неодамна Перо...

Македонија22 часа

На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември

Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари...

Македонија23 часа

Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста...

Македонија24 часа

Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа

Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.  Доколку...

Македонија1 ден

Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје

Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува  од денеска 30 декември на Железничката...

Топ2 дена

Затаен данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, истрага против две лица

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека подолг временски период вршеле кривично...

Македонија2 дена

Алиу: Дефиниравме нови програми за специјализации – темелно го менуваме пристапот за креирање медицински кадар

На денешната прес-конференција на министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, деканот на Медицинскиот...

Македонија2 дена

Уапсени 11 лица за местење тендер вреден над 7,6 милиони евра во „ЕСМ дистрибуција на топлина“

Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа...

Македонија2 дена

Левицата бара независна истрага за смртта на новороденчето и одговорност од директорката и од педијатарката во ГАК

Левица бара Обвинителството да отвори истрага за смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство и одговорност од директорката...

Македонија2 дена

(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните

По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата,...

Македонија2 дена

Андоновски: Македонија рангирана во А-групата за дигитален напредок според Светската банка

На конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ...

Македонија2 дена

Измените на Кривичниот законик се само уште едно крпење на правниот систем, велат од ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред...

Македонија2 дена

Надминат прагот на штетни честички во воздухот во Скопје, надлежните активираа мерки

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух...

Македонија2 дена

„’Лотаријата’ функционирала како приватна фирма на Груби, СДС молчел за криминалот од 1 милион евра поради опстанок на власт“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами,...

Македонија2 дена

Спроведени 262 контрли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени минимални недоследности

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбеднста...

Свет2 дена

Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дојде време тој и европските лидери повторно да влезат во дијалог со рускиот претседател...