Македонија
Во Штипско пронајдени осум тони марихуана во вредност од над пет милиони евра
На подрачјето на општина Карбинци, Штипско, полицијата ги приведе Н.С.(56), А.Н.(37) и М.С.(36), сите од село Карбинци, Штипско, бидејќи кај нив се пронајдени и одземени околу 15.500 стебла од растението cannabis sativa, од која при берба би се добиле околу 8 тони марихуана, со пазарна вредност од над 5 милиони евра.


Имено, по преземени мерки и активности полициски службеници во атарот на село Карбинци открија површина од околу 1.300 м2 засадена со околу 15.500 стебла од растението cannabis sativa, од кои дел во цветови. Во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, и со претходно обезбедени наредби за претрес на дом и други простории од Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на 5 локации во село Карбинци во врска со производство на наркотична дрога марихуана, при што кај едно лице се пронајдени 690 растенија канабис, кај второто лице 36 растенија, а во нива сопственост на третото лице се пронајдени 15.415 растенија канабис, како што соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.

По документирање на случаите против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Ѓорче Петров одбележа 81 година од ослободувањето
Со пригодна свеченост во реонскиот парк, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 14 ноември – Денот на ослободувањето на општината, ден кога пред точно 81 година слободата го пронашла својот пат и го означила почетокот на новото поглавје во историјата на оваа заедница.
На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, членови на делегации, советници, вработени во општината и бројни граѓани, кои со пиетет се потсетија на храброста и жртвата на борците кои ја донеле слободата.
Во своето обраќање, градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека 14 ноември е ден на гордост, благодарност и обврска кон минатото и иднината.
-Ова е денот кога слободата го пронајде својот пат и ја запечати судбината на ова место како симбол на отпор и достоинство. Нашата должност е нивната жртва да не се заборави, нивните имиња да останат врежани во колективната меморија, а нивниот дух да не води и во современите времиња – рече Стојкоски.
Тој додаде дека современо Ѓорче Петров денес е општина на развој и можности.
-Денес Ѓорче Петров е симбол на развој, на нови можности, на заедништво и човечка срдечност. Го градиме како современа и просперитетна општина, каде што секој граѓанин има право на достоинствен живот, безбедност и квалитетна инфраструктура – нагласи Стојкоски.
Градоначалникот потенцираше и дека љубовта кон татковината не се мери со зборови, туку со дела.
-Љубовта кон својата земја се покажува со секојдневна посветеност, со секое засадено дрво, секоја изградена улица, училиште, градинка и секој проект што го подобрува животот на граѓаните. Слободата не се подарува – таа се заслужува, се брани и се гради секојдневно – подвлече Стојкоски во своето обраќање пред присутните.
Македонија
Судиите со остра критика до Мицкоски: Вашите коментари ја преминаа границата на добро однесување
Судиите упатија остра критика до премиерот, Христијан Мицкоски, во врска со неговите изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор. Тие велат дека неговите коментари ја преминале границата на доброто однесување и преминале во неаргументирани и паушални напади.
„Господине Премиер, веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во јавното писмо упатено до Мицкоски од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.
Во него се наведува дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, па оттаму, велат судиите, нејасно е каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега.
„Сосема спротивно, токму судовите, преку наплата на паушали и парични казни, со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од Буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и слично“, се наведува во соопштението.
Судиите, исто така, наведуваат дека последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која, како што велат, е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, се наведува во соопштението од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судиите.
Мицкоски вчера изјави дека моралот не му дозволува да се согласи со зголемување на платите во правосудниот сектор, коментирајќи ги шесте предложени реформи во законите од областа на судството и обвинителството. Тој порача дека главната реформа во тие закони е токму зголемувањето на платите, што според него е неприфатливо поради состојбата со буџетот.
Мицкоски наведе дека следната година државата треба да врати над 2 милијарди евра долг, поради задолжувањата од минатото, и дека покрај тоа треба да обезбеди пари за плати, пензии и социјални трошоци.
„Ако некои мислат дека треба да им ги дуплираме платите на судиите и обвинителите – нека кажат. Еве, јас ќе ја донирам мојата плата. Ама да обвинуват и да судат според законите“, изјави премиерот, додавајќи дека нема да поддржи реформи чија суштина е само финансиско зголемување и додаде: „Знам дека ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со тоа“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Доказот дека Заев сè уште ги држи конците во СДС е поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател
Доказот дека Заев се уште ги држи конците во СДС, е поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на Филипче, сите тројца летото го поминаа на скапата јахта на Заев, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче како верен послушник на Заев, го прави тоа што неговиот ментор ќе му го заповеда.
Поставувањето на Александар Трајановски за потпретседател на СДС од страна на Филипче, е еклатантен пример за тоа дека Зоран Заев се уште ја води партијата во сенка.
Да се потсетиме, овие тројца заедно ги поминаа летните денови на скапите плажи во Грција, на скапата јахта на Зоран Заев, уживајќи во парите кои Заев и Филипче ги испокрадоа од државата со што ги осиромашија граѓаните, кои преживуваа со едвај 150 денари на ден“.
Венко Филипче, додава Манасиевски, не го интересира напредокот на СДС, затоа и го поставува Александар Трајановски за потпретседател на партијата, човек кој ги загуби изборите во Аеродром токму како нивен кандидат.
„Во недостиг на вистински кадри и луѓе кои и мислат добро на СДС, Филипче става луѓе кои се блиски до него и Зоран Заев. Реформите кои ги најави Филипче во СДС, мора да почнат со неговата оставка. Срамно е до каде ја доведе некогаш големата СДС“.

