Македонија
Петков: Ако одлуката не помине во парламентот, во Брисел ќе кажам дека нема кревање на ветото
Нема да донесам независна одлука за С Македонија, би ја следел исклучиво волјата на бугарскиот парламент, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков, a пренесуваат тамошните медиуми.
„Секогаш кога се обидуваат да ја разнишаат државата, ја креваат картата на С Македонија, секогаш тоа ни се случува. За да остане оваа коалиција нестабилна, постојано се зборуваше за С Македонија и за идното предавство на Бугарија, 20 пати повторив дека нема да има одлука на оваа тема без бугарскиот парламент, како да не сум рекол.
Она што ќе го видите во следните неколку дена ќе биде конечниот одговор на ова прашање. Јас како премиер нема да донесам никаква одлука доколку тоа не добие зелено светло од бугарскиот парламент. Следната недела ќе одам во Брисел, ако немаме одлука на бугарскиот парламент, единствено што ќе кажам во Брисел е: ветив дека оваа одлука треба да ја донесе парламентот и бидејќи не е донесена, јас нема да направам никаква промена во бугарската позиција“, нагласи Петков.
Тој во продолжение говореше и за францускиот предлог.
„Првите услови со С Македонија беа 5 +1. Со најава за нов пристап кон пријателскиот говор веднаш се согласија и станаа 4 + 1 без да бараат реципрочно движење од Бугарија. Втората работа што се случи е дека во францускиот предлог, иако не го прочитав, има гаранција за Бугарите во С Македонија за антидискриминација и дека земјата нема да ги започне преговорите додека не го смени Уставот и Бугарите да станат дел од народите што ја претставуваат таа држава“, рече бугарскиот премиер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

