Контакт

Економија

Бесими: Таргетирани мерки и фискална консолидација како одговор на инфлацијата и ризикот од стагфлацијата

Објавено пред

Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими

dobivaj vesti na viber

Понуда и побарувачка. Основни економски закони и база на сите економски принципи. Соодносот на добрата и услугите кои се нудат и побаруваат на пазарот го одредуваат пазарниот еквилибриум – цената. Ако понудата се зголеми, а побарувачката остане иста – цената ќе се намали. Ако понудата се намали, при непроменета побарувачка – цената ќе расте. Обратното важи и на страната на побарувачката.

„Големата инфлација“ во седумдесеттите години од минатиот век, која се прошири низ светот, дојде главно преку страната на понудата. Растот на цената на нафтата, евтините пари, курсните шпекулации, бизнисмени и синдикати кои бараа поголема заработка – сето ова во историјата е нотирано како причина за развојот на оваа криза. Накусо за кризата во седумдесеттите: 1. донесе високи стапки на инфлација; 2. траеше повеќе од декада и 3. продуцираше еден економски феномен – стагфлација – стагнација проследена со високи стапки на инфлација.

Следбениците на кејнизајнската теорија дотогаш ја игнорираа можноста за стагфлација, бидејќи високите стапки на невработеност не се поврзуваа со ниска инфлација. Во кејнзијанската теорија стагнацијата и инфлацијата беа две спротивности, кои се исклучуваа една со друга, а нивниот однос се гледаше преку т.н. Филипсовата крива. Идејата беше дека високите цени носат поголема заработка, поголемата заработка повисоко производство, а тоа повлекува проширување на капацитетите и раст на вработеноста. Но, работите не се одвиваа по тој редослед и неокејнзијанците го признаа тоа, односно дека инфлацијата произведена на страната на понудата, особено поврзана со ресурси и примарни производи, може да поттикне забавување на економската активност. Во таа насока е и теоријата на професорот Едмунд Фелпс, која покажа дека на долг рок, Филипсовата крива е вериткална на ниво на „природната стапка на невработеност“, која не е поврзана со инфлацијата, туку со реалните фактори на раст на економијата. Тој всушност ги вгради очекувањата за инфлацијата во Филипсовата крива и со тоа објаснува дека во услови на непроменета понуда, зголемената парична маса предизвикува инфлација, теорија што е блиска до монетаристите. Инаку, во тој период познатиот монетарист Милтон Фридман тврди дека инфлацијата е секоаш и секаде монетарен феномен, односно пуштањето на повеќе пари во оптек од потребното во една економија неминовно води кон инфлација. Во околности на една ваква економска дебата, за да заврши Големата инфлација во САД следеше и промена на претседателот на Федералните резерви, по што следеше и агресивно затегнување на монетарната политика со раст на каматите до 20%, вклучително и прифаќање на рецесија, пред инфлацијата да се врати на ниски, едноцифрени стапки. Дебатата дали стагфлацијата беше предизвикана од брзото и прецврсто монетарно затегнување и регулација на пазарите, останува сеуште отворена во економската теорија.

Тековната ценовна и енергетска криза vs. „Големата инфлација“ од 70-тите

Зошто овој вовед, дали на светот му се заканува нова криза по примерот на 70-тите, која ќе заврши со високи стапки на невработеност и рецесија? – За среќа, не. Да, има прегревање на економиите, како резултат на одговорот на остратата рецесија која се случи за време на пандемијата. САД и ЕУ за една година се вратија на претпандемиското ниво, па дури и го надминаа, како резултат на мерките кои се преземаа преку монетарните и фискалните политики. Но, нарушените синџири на снабдување, високата ликвидност, послабиот одговор на понудата во однос на побарувачката која се врати на претпандемиското ниво, сето тоа придонесе за брз раст на цените и искачување на инфлацијата на највиско ниво во повеќе земји во последните неколку децении.

Како резултат на силните ценовни притисоци, нарушувањата на глобалните синџири, неизвесноста која ја донесе војната во Украина, но и нормализацијата на монетарните политики, односно растот на цената на капиталот, Светската банка очекува годинава глобалниот раст да забави на 2,9%. Јунската проекција претставува значајно забавување за 1,2 процентни поени во однос на јануарската проекција, или во однос на постпандемиските 5,7% раст во 2021 година. Растот на доходот и намалувањето на сиромаштијата во економиите во развој и досега беа забавени, како резултат на Ковид-19. Сепак, војната во Украина имаше свој дополнителен удел и очекувањата се дека во 2022 година тие ќе постигнат раст на БДП од 3,4% – или едвај половина од стапката во 2021 година, односно далеку под просекот 2011-2019 година. Слична е и прогнозата за раст за земјите со среден приход, која за годинава е нагло намалена за 1,3 процентни поени во однос до јануарската проекција.

Она што сепак е поинакво кај оваа ценовна криза во однос на „Големата инфлација“ од 70-тите години се инфлациските очекувања. Меѓународните финансиски институции, пазарите, инвеститорите – и покрај високата доза на неизвесност поврзана со војната во Украина, очекуваат дека следната година ќе следи стабилизација на инфлацијата, иако повисока во однос на она што сме научени изминатата декада. Веќе на среден рок се очекува дека таа да се врати на ниските нивоа од пред пандемијата. Во 70-тите години, очекувањата беа нагорни. Еден пример кој го дава и нобеловецот Кругман за инфлациските очекувања во САД тогаш: работниците очекуваа повисоки цени, работодавачите очекуваа повисоки цени, затоа и едните и други се согласија за многу повисоко покачување на платите од аутпутот кој го креира, што придонесе за понатамошно разгорување на инфлаторната спирала и пролонгирање на кризата.

Уште неколку моменти кои би сакал да ги споменам како разлика на тековните случувања во однос на 70-тите, тоа е подготвеноста на носителите на политики и значително повеќе механизми и безбедносни мрежи кои со текот на годините се изградени, особено по глобалната финансиска криза. Исто така, 70-тите се карактеризираа со силен крах на берзите и депрецијација на доларот, што сега не е случај.

Почеток на крајот на „евтините пари“

Кога ги споменав безбедносните мрежи и носителите на политики да се вратиме на 2022 година. Најголемите централни банки веќе почнаа со затегање на монетарната политика. Федералните резерви први започнаа со покачување на основната камата и со најновата одлука донесена пред неколку дена каматата е покачена за 75 базни поени, едно од најагресивните покачувања од 1994 година наваму. За годинава тие таргетираат камата од 3,4%, додека за 2023 од 3,8% и се силно посветени да се вратат на целната инфлација од 2% на среден рок. Исто така и Европската централна банка, иако попрудентна во затегнувањето на политиката во однос на ФЕД, во јуни донесе одлука за покачување на основната каматна стапка од 25 базни поени, но и дека во септември повторно ќе ја преиспита својата политика. Сите се посветени кон враќање на инфлацијата на целните 2%, но ова значи и дека заврши времето на евтини пари.

Во време кога монетарните власти ги поскапуваат парите, што треба да прават фискалните власти? – По пандемијата, фискалниот простор за реакција е намален, особено за земјите во развој. Оттаму, при креирањето на фискалните политики мора да се земе предвид и овој момент, со оглед на растот на цената на пазарите на капитал кој се очекува. Фискални мерки треба да има во секој случај, но фискалниот одговор за време на пандемијата и во текот на оваа ценовна криза, во секој случај треба да се различни, бидејќи различна е и природата на кризата и тековните услови за финансирање и спроведување на мерките.

Силата на побарувачката за стабилизација на инфлацијата и поддршка за ранливите категории

“Таргетирани мерки“ е магичниот збор во секоја од анализите и извештајите на меѓународните финансиски организации. Тоа значи да се утврди точно на која целна категорија граѓани и фирми им се потребни мерките и да се дизајнираат и имплементираат согласно целната група.

Според една публикација на ММФ, фискалните политики за време на тековната криза треба да се планираат согласно веќе постоечкиот систем на социјална заштита кој се практикува во земјата. Препораките за фискални мерки ги даваат согласно три категории на земји: 1. со силна социјална заштита, 2. со слаба социјална заштита, без субвенции за храна и енергија и 3. со слаба социјална заштита, со субвенции за храна и енергија.

За земјите со веќе воспоставен силен систем на социјална заштита се препорачува да не преземаат мерки против прелевањето на повисоките цени на енергијата во националните економии. Исто така, се препорачува таргетирана финансиска поддршка за ранливите домаќинства. Доколку тековната социјална политика не предвидува поддршка за домаќинствата од средна класа погодени од кризата – се препорачува да се размисли за таргетирана еднократна финансиска поддршка.

За земјите со послаб систем на социјална заштита, кои немаат субвенции за енергија и храна, се препорачува да ги прошират и надградат социјалните програми креирани за време на ковид-кризата. Исто така, на овие земји им се препорачува да ја искористат тековната криза како основа за зајакнување на системот на социјална заштита.

На земјите кои имаат послаб систем за социјална заштита, но кои веќе практикуваат субвенции за енергија и храна, исто така им се препорачува да дозволат постепен пренос на цените од светските пазари дома, а преку постоечкиот фискален простор да го калибрираат јазот помеѓу увозните и малопродажните цени.

Накусо, иако политички многу непопуларно, препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Земете ја енергијата за пример. Побарувачката за енергија е нееластична на краток рок, на среден рок таа станува еластична, особено на горивата, што значи дека со растот на цената, може да се намали побарувачката. Со тек на време, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

Храната, од друга страна, се одликува со уште поголема ценовна нееластичност. Затоа, многу важен момент е обезбедувањето на социјалната сигурност на најранливите категории на граѓани. Повторно се враќаме на терминот „прецизно таргетирани мерки“. На пример, доколку домаќинства со ниски приходи користат одредени горива за загревање, преку добро дизајнирани мерки да влијае на цената токму на тие горива. Не се препорачува намалување на даноците за горива и храна. Напротив, наплатата на даноците треба да се насочи кон заштитата на ранливите семејства. Со намалувањето на даноци за сите, значи дека се субвенционираат и оние на кои не им потребна поддршка, за сметка на ранливите категории граѓани.

Исто така, ММФ препорачува да се имаат предвид и климатските промени при дизајнирање на мерките, со оглед дека горивата се една од целите кон која се делува.

Неодамнешната анкета на ММФ покажува дека најголем број од земјите веќе преземаа мерки за да го намалат преносот на цените од светските берзи врз националните економии. Најголем дел од земјите преземаа барем по една мерка од почетокот на годината, односно 26 од 31 развиена економија и 45 од 103 економии во развој. Токму помалиот фискален простор, но и веќе постоечките субвенции за храна и енергија кај земјите во развој се фактори за пониската бројка.

Домашната инфлација амортизирана за околу една четвртина годинава

Нашата економија има добар систем на социјална заштита. Со социјалната реформа која ја спроведовме во 2017 година, станавме прва земја во регионот која го воведе гарантираниот минимален приход. Исто така, имаме повеќе социјални трансфери кои таргетираат различни групи, вклучително и субвенции за електрична енергија за социјално загрозените семејства.

Но и покрај ова, нашата Влада досега презема повеќе мерки во насока на успорување на прелевањето на цените од светските берзи дома. Сега читателот ќе забележи дека ова е спротивно од она што го пишувам погоре, но ќе нагласам дека кај нас храната и енергијата учествуваат со многу висок процент во индексот на потрошувачките цени (CPI), оттаму оваа реакција беше неопходна за да се успори инфлаторната спирала. Првичната реакција беше преку даночни олеснувања, поддршка на енергетските компании за поспоро зголемување на цената на електричната енергија, таргетирана финансиска поддршка за ранливите категории, административни ограничувања со кои ќе се влијае на цените и мерки за штедење на енергија.

Во периодот јануари – мај 2022 година стапката на инфлација имаше нагорна тенденција и достигна 9,1%, што ги отсликува ценовните притисоци на страната на понудата предизвикани од глобални фактори, коишто се пренесоа во домашната економија главно преку зголемените цени на прехранбените производи (12,8%), нафтени деривати (30,7%) и електричната енергија (9,4%). Овие категории учествуваа со 71% во растот на инфлацијата во овој период.

Согласно анализа направена во Министерството за финансии, оваа инфлација би била многу повисока, доколку не беше брзата фискална реакција преку антикризните мерки. Согласно расположивите податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), во првата половина од 2021 година просечната цена на електрична енергија за домаќинства била 4,37 денари по KWh без ДДВ, одосно 5,156 денари со 18% ДДВ. Имајќи во предвид дека цената на електричната енергија во јануари-мај 2022 година е повисока за 9,4% во однос на истиот период лани, се доаѓа до пресметката дека цената во периодот јануари-мај 2022 година, изнесува 5,641 денари по KWh со 5% ДДВ или 5,373 денари без ДДВ. Доколку на оваа цена се пресмета 18% ДДВ, цената би изнесувала 6,340 денари по KWh, односно зголемување за 22,9%, наместо за 9,4%, поради намалувањето на ДДВ од 18% на 5%. Со тоа, придонесот на растот на цената на електрична енергија во вкупната инфлација би изнесувал 1,7 п.п. во периодот јануари – мај 2022 наместо 0,7 п.п., односно вкупната инфлација би била 10,1% наместо 9,1%. Ова е само директниот ефект, иако има и индиректни ефдекти, преку избегнување на следе, посилен бран поскапувања.

Понатаму, намалувањето на стапката на ДДВ од 5% на 0% за основните прехранбени производи (брашно, леб, масло, месо, сирење, млеко, јајца итн.) имаше влијание врз забавувањето на стапката на раст на инфлацијата, имајќи во предвид дека храната има највисоко учество во структурата индексот на трошоците на живот. Согласно, пресметките намалувањето на ДДВ-то за основни производи влијаеше врз намалување на вкупната стапка на инфлација за 1,5 п.п, односно годишната стапка на инфлација во април наместо 10,5% би изнесувала 12%. Сличен е ефектот и во мај 2022, односно намалувањето на ДДВ-то влијаеше на намалување на стапката на инфлација за 1,4 п.п., односно годишната стапка на инфлација во април наместо 11,9% би изнесувала 13,3%.

Согласно овие груби пресметки, преку фискалната реакција кај храната и енергенсите, растот на инфлацијата е амортизиран за околу четвртина.

Нови таргетирани мерки со ребалансот на буџетот

Проекциите на сите меѓународни институции се во насока на продолжување на инфлацијата, која се очекува да се стабилизира во 2023 година, а притоа економскиот раст ќе забави и дури 2023/2024 година ќе се врати на претпандемската динамика на раст. Тоа значи дека оваа состојба ќе трае подолго во однос на првичните очекувања. Ако на тоа се додадат и најавите за недостаток на храна на светско ниво, како резултат на војната во Украина – состојбата станува покомплексна, а неизвесноста поголема.

Ова е силен екстерен шок, кој ги опфаќа речиси сите економии во светот. Ова е преголем шок за да целосно се апсорбира од страна на економија во развој. Она што може да направиме е да делуваме мудро – да ја задржиме стабилноста, а истовремено да ги заштитиме оние на кои име е потребна поддршка.

Имајќи го ова предвид, потребна е фискална кондиција за да се издржат подолго време предизвиците, а притоа треба и да се одржи фискалната стабилност. Оттаму, мора да се интервенира со таргетирани мерки, кога на финансиските пазари веќе задолжувањето станува се поскапо и секое откажување од денар приход во буџетот, ќе значи задолжување со повисока камата која ќе ја плаќаме ние и идните генерации.

Со ребалансот на буџетот продолжуваме со мерки за поддршка на граѓаните и фирмите. Издвоени се резервни средства за нови антикризни мерки. Издвоени се дополнителни средства за поддршка на земјоделците за раст на домашните приноси, за да на тој начин се амортизираат ефектите од високата цена на увозната храна. Издвоени се дополнителни средства за ранливите категории на граѓани и за раст на пензиите на пензионерите. Сите овие се таргетирани мерки, бидејќи од особено значење, покрај поддршката за надминување на кризата е да се одржи макроекономската стабилност. Само стабилна економија може да продуцира силен и одржлив економски раст.

Во поглед на ограничениот простор, тука би требало да ја завршам оваа колумна. Но, сепак треба да обратам внимание и на…

Координација на фискалната и монетарната политика за сузбивање на инфлацијата и избегнување на стагфлацијата

Не би можел да ја завршам оваа колумна на тема на инфлација, а без притоа да обратам внимание на улогата на координацијата на фискалната и монетарната политика. Генерално, економистите се сложуваат дека инфлацијата е монетарен феномен. Ако се чита „на слепо“, монетарната власт би требало наеднаш да ги зголеми каматните стапки и со тоа да се намали побарувачката за пари и ликвидноста во економијата, што според монетаристите би требало да ја намали и инфлацијата. Сепак, иако макроекономистите ќе се сложат дека тоа е така, во исто време ќе укажат и дека со тоа економската и социјалната цена може да биде превисока.

Во вакви околности, коишто личат на 1970-тите, не смееме да дозволиме на сцена да се врати стагфлацијата. Инфлацијата предизвикана пред сѐ од страната на понудата, не може да се реши исклучиво со инструменти за намалување на побарувачката. Неопходна е координација на фискалната и монетарната политика, како одговор на овие појави во економијата.

Притоа, за да имаме ефикасен одговор преку мерки и политики, важна е точната дијагностика. На пример, ако имаме висока температура и одиме на лекар, прво што прави лекарот е мерење на нашата телесна температура, кратка анамнеза и лабораториска анализа. Врз основа на резултатите пропишува соодветна терапија за заздравување, или доколку резултатите покажуваат посериозни компликации, нѐ упатува до специјалист од областа. Следствено, би заклучил за фискалната и монетарната политика, со професионален и координиран пристап до најсоодветно решение за надминување на оваа криза, со помалку последици и со подобри изгледи за заздравување и одржување на растот.

На среден и долг рок, потребно е преструктурирање на економијата кон зелена транзиција (енергетска независност и ефикасност), дигитализација, инфраструктурна поврзаност, зајакнување на човечкиот капитал и доброто владеење (владеењето на правото и борбата против корупцијата), што воедно ќе придонесат за подобрување на деловната клима и конкурентноста на нашата економија.

Економија

Итно зголемување на платите, во спротивно ќе останеме без кадар, порача Пешевски

Објавено пред

Според потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски, приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата.

dobivaj vesti na viber

Приватниот сектор, како што посочи, е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе.

„Но, за овие две работи, потребни се достоинствени, односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра, туку 500 евра минимална плата, која ќе се множи со коефициентот на сложеност и со тоа ќе пораснат и другите плати“.

Во овие дејности од приватниот сектор, како што истакна, не треба да има плати помали од 50.000 и 60.000 денари и барањето се однесува на сите работодавци од приватниот сектор, особено на оние што пред некој ден се изјасниле дека нема квалификуван кадар.

Пешевски им порача дека кадарот ќе недостига уште повеќе доколку работодавците не ја зголемат платата.

Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците и појасни дека во текот на 2024 година бесплатна правна помош и заштита добиле над 12.234 работници, кои се обратиле до ССМ.

Тој објави дека додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ, како и притисоци за отчленување и фаворизирање друг синдикат, кој не бара зголемување на платите.

„Оттука, се сомневаме дека можеби и затоа тој е омилен синдикат на Владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип на притисок“, порача тој.

Ги повика работниците да се приклучат кон првомајскиот протест, а Владата и газдите, конечно, да ја побараат вината во своите редови бидејќи, како што рече, државата ќе остане и без тие работници.

Итно зголемување на платите, особено на работниците во приватниот сектор, порача Пешевски.

Прикажи повеќе...

Економија

ХЕРА: Дополнителни 2,5 милијарди или 15 отсто раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите

Објавено пред

Од

Дополнителни 2,5 милијарди или 15 % раст на БДП доколку вработеноста на жените е иста како кај мажите, ова е заклучокот од Националната конференција од проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, во организација на ХЕРА, со поддршка на британската амбасада.

dobivaj vesti na viber

За економски придобивки од родовата еднаквост зборуваше Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за интернационални економски студии, Австрија, кој рече дека е голема дискрапанцијата помеѓу мажите и жените што работат.

Процените за макроекономските ефекти по БДП покажуваат дека ако вработеноста на жените е иста како кај мажите во Македонија, тоа ќе даде дополнителни 2,5 милијарди евра во БДП, односно пораст на БДП за 15 %. Растот од 15 % БДП, всушност, е економскиот раст што го има постигнато државата во изминатите 8 години, што укажува колку се значајни придобивките од постигнувањето на родовата еднаквост.

„Речиси 53 %, односно повеќе од половина од мажите што може да работат работат. Кај жените процентот е многу понизок, само 38 %. Грубо кажано, секоја трета жена што може да работи работи, а кај мажите секој втор маж работи. Огромен јаз има и во економската структура помеѓу мажите и жените. И тие релативно мал број жени што работат во државата заработуваат многу помалку од она што го заработуваат мажите, односно постои родов јаз во платите и изнесува 16 %. Ако споредите жена и маж што работат иста работа, ќе видите дека жената е платена помалку од 84 %. Овој родов јаз постои и во Европа, но изнесува 12 %“, рече Јовановиќ.

Елизабета Божиноска, програмска директорка, ХЕРА рече дека 93 % од граѓаните потврдуваат дека постои родовата нееднаквост во државата, од кои 64 % сметаат дека таа е реален или потценет проблем. Дополнително, дури 60 % од граѓаните препознаваат колку е важна родовата еднаквост како вредност во интегративните процеси на земјата со ЕУ. Таа ги истакна наодите од пилотирањето на алатката РЕСИ – родовата еднаквост и социјална инклузија на Законот за детската заштита и клучните препораки за поголема активација на жените на пазарот на трудот поврзани со овој закон: подобрен пристап до градинки и установи за згрижување деца во предучилишна возраст и други алтернативни форми за згрижување деца, искористување на неактивниот/невработениот дел на популациајта во услугите за грижа и нивно вклучување во платена работа, отворање детски градинки во состав на правни лица во јавни институции, приватниот и граѓанскиот сектор.

Милка Димитровска, професорка од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, која ја презентира студијата за перцепциите и ставовите на граѓаните за родовите прашања, истакна дека кога станува збор за обесправеноста на жените, 87 % препознаваат дека жените се најобесправена група, а од трите сектори во кои жените се најмногу дискриминирани, покрај политиката, влегуваат обезбедувањето социјални услуги и пазарот на трудот.

Во однос на перцепцијата за професии, 71,3 % од граѓаните сметаат дека и мажите и жените се еднакво способни да ја работат која било работа. Но, сè уште постојат стереотипи, така што половина од граѓаните рекоаа дека ризичните работи не се за жаните, а 30 % се изјаснија дека негувателските професии не се за мажите“, рече Димитровска.

Прикажи повеќе...

Економија

Замрзнувањето на цените дава позитивни ефекти, потрошувачката кошничка пониска повеќе од 2.000 денари, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Објавено пред

Од

Владината мерка за замрзнување на цените и ограничување на маржите на основните прехранбени производи има позитивни ефекти, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

dobivaj vesti na viber

„Според анализите на ССМ, во месец февруари 2025 година, трошокот за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство изнесувал 23.427 денари. Во март истиот трошок се намалил на 21.838 денари, што претставува намалување од околу 3%. Во април, трошокот дополнително опаднал на 21.280 денари, што претставува вкупно намалување од 2.147 денари или речиси 9% во споредба со февруари“, се наведува во соопштението.

Покрај намалувањето на трошоците, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во март е регистрирано и намалување на инфлацијата, која падна на 2.7%, што е за 1.3% помалку во однос на февруари.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе две одлуки за ограничување на бруто профитните маржи, кои овој пат беа скалесто поставени на 5%, 10% и 15% во зависност од производите, а според ДЗС ефектот е позитивен од двете владини одлуки. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изработува нова потрошувачка кошничка, а цените ќе се пресметуваат како просек од неколку маркети, и кошничката ќе биде јавно достапна. Во рамки на спроведувањето на мерките, досега се извршени над 600 инспекциски контроли во трговијата на големо и мало, затворени се осум објекти поради прекршување на мерките, а контролите ќе продолжат до 30 април“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија10 минути

Крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетски прашања со било кого, рече Муцунски

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, рече дека Владата се стреми кон компромис кој ќе биде рационален за да се...

Економија21 минута

Итно зголемување на платите, во спротивно ќе останеме без кадар, порача Пешевски

Според потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски, приватниот сектор во Македонија е главен двигател...

Македонија1 час

Судот ѝ го одзеде пасошот на претседателката на антикорупциската комисија, која споделувала службени тајни на „Вибер“

На претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, одземен ѝ e пасошот откога Кривичниот суд го прифати предлогот за определување мерки за...

Македонија1 час

Девет лица завршија во притвор поради злоупотреби со инвалидските пензии и за туѓа нега

На деветмина осомничени од уапсените 23 во акцијата за туѓата нега судот им одреди мерка притвор од 30 дена. Едно...

Македонија4 часа

Судот го одобри обвинението за возачот што ја прегази Фросина

Судот го одобри обвинението за возачот Васил Јованов, која ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин на булеварот Партизански одреди....

Македонија5 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Тошковски не скри нешто, не рече дека законот не важи за татко му

Апасиев е фрустриран од работата на Тошковски бидејќи законот важи за сите. Левицата да одговори како, освен сутерен во строгиот...

Македонија5 часа

ДУИ до Мицкоски: Ако целта е уривање на Охридскиот договор, која е алтернативата

Премиерот Мицкоски, со своето однесување, изјави и постапки, постапува на начин кој ги поткопува стандардите и одговорноста што се очекуваат...

Свет6 часа

Рубио: Ова не е наша војна, ние не ја почнавме

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „сите треба да му се заблагодарат“ на американскиот претседател Доналд Трамп за мировните...

Македонија6 часа

Левицата: И таткото на Тошковски бил дел од бизнисот со мито за инвалидски пензии

Додека се обидува да изгради слика дека го руши корумпираниот систем, фактите кои се обзнануваат во јавност укажуваат како и...

Свет6 часа

Лавров: Спремни сме да се договориме со САД за Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Кремљ е подготвен да постигне договор со САД за Украина, но...

Свет8 часа

Руте: Русија е долгорочна закана за алијансата

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека членовите се согласуваат дека...

Спорт15 часа

(Видео) Ѓоковиќ ги загуби нервите: Да ти е..м тенисот

Новак Ѓоковиќ целосно ги загуби нервите на официјалниот тренинг во Мадрид. Додека во главниот град на Шпанија се одржуваа натпреварите...

Македонија18 часа

Осомничени уште три лица во предметот „Адитив“: меѓу нив и претседателката на Антикорупциска

Во рамките на постапката што се води за предметот Адитив, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка,...

Македонија19 часа

Образ ѓон, се уште седат и земаат илјадници евра плата: Мицкоски за членовите на Судскиот совет

„Вие пратениците изгласавте недоверба на членовите на Судскиот совет. Но, и покрај тоа што тие ја добија недовербата од страна...

Македонија1 ден

Измами во давањето туѓа нега и инвалидски пензии, под истрага 49 лица, вмешани и лекари

Сузбиени две криминални групи, кои вршеле злоупотреби на постапката за стекнување право за туѓа нега и право на инвалидски пензии,...

Македонија1 ден

Битола, Струга, Чаир се меѓу општините кои не аплицирале за проекти, рокот истекува за помалку од една недела

Седумнаесет општини воопшто не аплицирале за инфраструктурни општински проекти, за што Владата доделува средства од унгарскиот кредит. Во оваа група...

Македонија1 ден

(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Дали се разводнува истрагата за Кочани за да се заштитат актуелни функционери?

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицкоски, кое...

Македонија1 ден

Таравари го поддржа апсењето лекари: Директорот на Геријатрија првин го разрешив, а потоа го исклучив од партијата, сите што грешат нека одговараат

Сите што грешеле, вклучително и лекарите, треба да одговараат, смета министерот за здравство Арбен Таравари по вчерашната полициска акција, која...

Македонија1 ден

Речиси третина од фирмите, чии лиценци ќе се одземаат, имаат блокирана сметка или се неактивни, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за фирмите кои се на списокот што го објави Министерството за транспорт и...

Македонија1 ден

Владата ја прави премиерот, ако тој смета дека Алијансата за Албанците не му треба, ние немаме никаков проблем, вели Таравари

Министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не сака да избрзува со носење какви било политички...