Македонија
ЗНМ: Политичарите да не омаловажуваат новинари во своите јавни говори
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непримерната комуникација на Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија.
Тој во својот партиски говор на митингот што се одржа во саботата пред Владата истакна: „Нè лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени, за волја на вистината, малкумина владини пера, преку мали колумнички нè убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат“.
Укажуваме дека јавното етикетирање на новинарите и на медиумите, особено од страна на претседатели на политички партии, негативно се одразува на слободата на медиумите и придонесува за цензура и самоцензура.
Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи. Агресивниот говор на омраза и заканите кон новинари може да резултираат и со дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси.
Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде под притисок на политичарите бидејќи на тој начин се влијае јавниот интерес да се претвори во партиски, а тоа да биде на штета на граѓаните и на нивното право на информирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска сончево и потопло
Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.
Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.