Македонија
Пендаровски прими делегација од турскиот Државен универзитет „18 Март“

Македонскиот претседател Стево Пендаровски прими делегација од Државниот универзитет „18 Март“ во Чанаккале, Турција, предводена од ректорот Седат Мурат.
На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за соработката што Универзитетот во Чанаккале ја остварува со институциите во Северна Македонија, како и за идеите и можностите за размена на искуства во контекст на образовните политики, проширување на соработката во полето на културата, младите и спортот преку заеднички активности и проекти.
Претседателот Пендаровски посочи дека Северна Македонија има воспоставено одлична соработка со Република Турција во областа на образованието и културата и изрази поддршка на сите позитивни иницијативи кои придонесуваат за продлабочување и зацврстување на билатералните односи и пријателските врски меѓу двата народа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Награди за талентираните ученици

„Кисела Вода изобилува со талентирани ученици, на што сме исклучително горди! За таа цел, објавен е јавниот повик за доделување на награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода, што претставува еден стимул за нивното понатамошно градење како личности“, велат од Општината.
„Имено, се работи за Јавен повик за пријавување на најдобрите основци кои, постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот кои ќе добијат финансиска поддршка, а мешовити комисии составени од претставници на Советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација итн, ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно Правилниците донесени од страна на Советот на општината, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, истиот ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината.
Ги повикуваме сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во огласот, да не се колебаат и да земат учество во изборот“, се додава во соопштението на Општината.
Јавниот оглас и потребните документи за апликација може да ги најдете на следниот линк
Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.
Македонија
Арсовска: Аценце, те чекам на ТВ дуел

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи го повика градоначалникот на Ѓорче Петров на ТВ дуел.
„Во меѓувреме да ти го разбијам интервјуто со факти: ‘Аце рекол: Ги демантирам ставовите на градоначалничката на Град Скопје за наводна изградба на хемиска фабрика на територија на општина Ѓорче Петров’ не се тоа ставови Аце туку факти, еве секој во Македонија кај тебе на веб страна може да ги види па и ти.
Аце рекол: „Ова се обиди на градоначалничката на Град Скопје да создаде хаос меѓу граѓаните“ – многу јако, јас сама, а ти против мене со целата владеачка партија од 4-тата економија во Европа со која изгласавте ДУП со хемиски фабрики
Аце рекол: „Како да е фиксирана за општината Ѓорче Петров“ – па нели на Чаир бев фокусирана, што си се уплашил толку
Аце рекол: „Арсовска работи, инвестира на други места додека пак во Ѓорче Петров не работи ништо“ – Аце од сите нови 29 улици што ги имаш во Ѓорче, 27 ти ги направив јас!!!
Аце рекол: „Најодговорно тврдам пред целата македонска јавност дека на тој потег, ниту пак на било кој друг дел на територијата на општина Ѓорче Петров не постои локација на која што е предвидено или ќе се градат било каков тип на објекти од тешка индустрија“ – Аце многу директно ти кажав 157.000м2 објекти хемиска индустрија која е класифицирана како загадувачка
Аце рекол: „Објектот (Лафома) поседува сопствена пречистителна станица, под постојан надзор на Министерството за животна средина и сите релевантни државни органи“ – Аце нели не загадува хемиската индустрија, што тогаш пречистува фабриката и што го истура во Лепенец? Бидејќи знаеш многу за фирмата и ги застапуваш, ајде чекаме да ни кажеш??
И за сѐ ова јас имам докази, а ти соопштение што ти го напишале во штаб.
Ајде уште еднаш да те прашаме, дали ти ги праша жителите на Ѓорче Петров дали тие сакаат хемиски фабрики на 157.000 m2 и над 30 висококатници да се градат сред општината? НЕ!“, напиша Арсовска на својот фејсбук профил.