Македонија
Османи до шведската министерка: Како најнова членка на НАТО ние сме поборник на политиката на отворени врати

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.
Соговорниците разменија мислења за надворешно-политичките и безбедносните приоритети на двете земји, европската перспектива на Северна Македонија, апликацијата за членство на Шведска во НАТО, како и за актуелните меѓународни предизвици во променетиот геополитички контекст.
Османи се заблагодари за шведската континуирана посветеност на процесот на проширување на ЕУ и принципиелниот став на Шведска дека одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година, во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија, треба да се спроведе што е можно поскоро. Воедно, изрази благодарност за континуираната развојна соработка и поддршка од Шведска во споделување искуства и зајакнување на капацитетите на институциите на нашата држава, особено на полето на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, климатските активности, заштитата на екосистемите, инклузивниот економски развој.
Двајцата соговорници разговараа и за зајакнувањето на безбедноста во Европа, при што од наша страна беше ретерирана силната поддршка за членството на Шведска во НАТО. Османи истакна дека, Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, е силен поборник за политиката на отворени врати на Алијансата, заснована на заслуги и за правото на секоја нација да избира или да ги менува сопствените безбедносни аранжмани, вклучително и нивниот надворешно-политички курс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.
Македонија
Царински инспектори пронајдоа дрога во стан на студентка, државјанка на Турција

Психотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, мефедрон и марихуана е пронајдена при претрес на дом во Гостивар во кој престојувала студентка, државјанка на Република Турција. При претресот, извршен по добиен налог од надлежното обвинителство, инспектори од Одделението за истраги, пронајдоа вкупно шест таблети од 0,29 грама прихотропна дрога метилендиоксиметамфетамин, 1,63 грама мефедрон, марихуана и десет семки од канабис, извести Царинската управа.
Во текот на предистражната постапка е утврдено дека студентката примила авионска пратка испратена од физичко лице од Белгија, заведена како „нотес“. По приемот на пратката, осомничената ја отворила и од неа ја извадила дрогата. Во истиот момент, царинските инспектори, со налог на јавен обвинител, извршија претрес, при што е пронајдена дрогата.
Со наредба на јавниот обвинител, запленетите супстанци се доставени на вештачење во МВР, каде е потврден нивниот хемиски состав.
Против осомничената, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесе кривична пријава до ОЈО Гостивар за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215, став 1 од Кривичниот законик.
Македонија
Мицкоски: Венко дури ни неговите пратеници од СДС не го поддржуваат и го оставаат сам да потоне

На вчерашниот народен митинг во Штип во рамките на изборната кампања за локалните избори со слоган „Вистинскиот избор! Tвојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој се осврна на улогата на Венко Филипче во СДСМ и дека никој не го поддржува.
Мицкоски посочи дека на Венко воопшто не му е лесно, затоа што во улогата што ја игра во СДСМ е многу осамен и никој не му верува, па затоа ни неговите пратеници не му веруваат и не му доаѓаат на митинзите и го оставаат сам да потоне, а не пак народот да го гласа на избори.
„Искрен да бидам, човек да не му е во кожата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој во таа улога е осамен, дури ни неговите пратеници од СДСМ не го поддржуваат, не му доаѓаат на митинзите. Сам се препотува и жилави, затоа што ниту тие не му веруваат во работите кои ги кажува и го оставаат сам да потоне. И навистина, човекот не може да ги убеди ниту неговите пратеници да го поддржат, а не па народ да го гласа на следните избори“, рече Мицкоски.
Мицкоски од митингот во Штип се наврати на она што е направено изминатите 15 месеци централна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и наследена состојба во државата.
„Овие 15 месеци како Влада, дадовме сè од себе да ја нормализираме државата и помогнеме на многу граѓани. Затекнавме темели кои се разрушени, доверба која е ниска во системот кој пак е расипан и нефункционален на многу нивоа. Но и во едни такви услови постигнувавме резултати“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека едно од фундаменталните ветување на минатата изборна кампања, на парламентарните избори, беше линеарното покачување на пензиите на сите пензионери за 5000 денари и тоа се реализираше во првите девет месеци власт, додека во првите година и половина, пензиите ќе бидат за седум илјади денари линеарно зголемени.