Македонија
Исплата на пензиите од 28 јуни

На денешната седница Владата ја усвои информацијата за исплата на пензии за месец јуни 2022 година, со задолжување на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 27 јуни.
Со овие препораки деловните банки ќе обезбедат пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 28.6.2021 година.
Готовинската исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ја организираат во четири групи според следниот распоред составен според висината на:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 28.06.2022 година (вторник);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 29.06.2022 година (среда);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 30.06.2022 година (четврток), и
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.07.2022 година (петок).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се зголемува капитацијата за матичните лекари, за гинекологија и за стоматологија

Владата донесе одлука за зголемување на капитацискиот бод за матичните доктори по општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април 2025 година.
Во согласност со оваа одлука, вредноста на капитацискиот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, а за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33, односно 23 проценти. Ова беше соопштено на заедничката прес-конференција на премиеро, Христијан Мицкоски и на минисерот за здравство, Арбен Таравари.
Зголемувањето доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот 2019 – 2022 година кога бодот изнесуваше 63 и 48 денари.
Премиерот Мицкоски рече дека од 2015 година до сега капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари – удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, а за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114 проценти.
„Потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023 година за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година. Особено намалување има во руралните и помалите места за кои уште во јануари се донесоа посебни мерки“, изјави Мицкоски додавајќи дека државата издвојува речиси 4.5 милијарди за матичните лекари, за гинеколозите и за стоматолозите, а за ова зголемување ќе се издвојат речиси 550 милиони денари или над 9 милиони евра.
Зголемувањето, како што рече тој, ја покажува посветеноста за подобрување на статусот на матичните лекари и обезбедување поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани.
Македонија
Меџити: Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ

Арбен Таравари треба да расчисти со дилемите, смета неговиот коалициски партнер, Изет Меџити.
За односите меѓу нив, во рамки на коалицијата „Влен“, оценката на Меџити е дека тие се добри, а и двајцата комуницираат. Сепак, тројца од четворицата лидери на политичките партии кои ја сочинуваат „Влен“ се согласни дека треба да настапат заедно на локалните избори, но Таравари размислува поинаку.
„Разговараме деновиве сите политички субјекти во коалицијата да се претопат во ‘Влен’, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на локалните избори. Единствениот кој има дилеми и гледа како можна опција и соработка со ДУИ е Таравари, за тоа него ќе го прашате. Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ“, рече Меџити.
Планот е коалицијата да настапи на изборите со заеднички кандидати, листи, штаб, програма и платформа. Меџити се осврна на листите, коментирајќи дека градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека самите листи ги фаворизираат големите. Нема смисла, вели тој, ние сме кај големите и сега да одиме кај малите оти тоа ќе значи да се изберат гласови во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето и за кого работиме, додаде Меџити.
Прашан дали се планира владина реконструкција пред изборите, Меџити одговори: Ќе видиме тоа, ќе процениме кои се аргументите.
Македонија
(Видео) Филипче: Какви лицемери седат во Владата, ги убедуваат работниците дека може да живеат со 400 евра

Какви лицемери седат во Владата, ги убедуваат работниците дека можат да живеат со 400 евра месечно, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на прес конференцијата по неговата победа на внатрепартиските избори.
„Оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, за 10 месеци само покажа дека не знае, не умее, и што е најстрашно – не сака да се справи со реалните проблеми на луѓето. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува. Гледајте што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно. Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Видете што се случува во здравството. Здравството е на колена“, рече Филипче
Тој најави силна и консолидирана СДСМ подготвена за борба на сите нивоа: „Ќе бидеме гласни, ќе бидеме искрени и ќе покажеме дека постои алтернатива. Да ја вратиме државата на вистинскиот пат, за доброто на Македонија, за доброто на сите граѓани.
Филипче, кој освои двојно повеќе гласови од претходниот пат, потенцираше дека ова не е негова лична победа, туку заедничка победа на сите членови на СДСМ кои веруваат во правичноста, еднаквоста и напредокот – вредности кои, како што рече, денешната Влада целосно ги погазила.