Македонија
Голем успех за средношколци од Скопје на националниот натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional

Ученици од средните училишта на Град Скопје постигнаа голем успех во финалето на шестиот по ред национален натпревар за Microsoft Office Specialist и Adobe Certified Professional, кое денеска се одржа во IBank-концептуалната филијала на Стопанска банка АД Скопје. Тие освоија едно прво место, две втори и едно трето место. Првото место го освои Дамјан Димовски од СУГС „Јосип Броз Тито“, вторите места се за Лука Зотовиќ од СУГС „Јосип Броз Тито“ и за Ардита Емини од СУГС „Зеф Љуш Марку“, а на третото место се најде Иван Јорданов од СУГС „Васил Антевски-Дрен“. На финалето на овој престижен натпревар денеска присуствуваше секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски.
„Град Скопје и оваа година е партнер во организирањето и спроведувањето на овој многу значаен настан од областа на унапредувањето на дигиталните вештини. Град Скопје го поддржува натпреварувачкиот дух на младите, посветеното учење и натпреварувањата надвор од рамките на секојдневните училишни обврски. Лично сметам дека инвестирајќи во подобрување на дигиталната писменост, особено преку формалниот образовен процес, ќе придонесеме за подобрување на можностите за вработување на младите образовани кадри и подобрување на продуктивноста на работното место. Тоа, пак, ќе влијае на зголемување на економската продуктивност на општеството. Во рамките на шестгодишното партнерство со Certiadria во организирање на овој натпревар Град Скопје поддржа вкупно 2.600 ученици од средните училишта овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Microsoft Office и АСА испит. На овој начин, учениците, без разлика на нивниот социјален и економски статус, добија можност да се стекнат со меѓународно признат сертификат, кој ќе им биде од особено значење во нивното понатамошно школување и кариера“, рече Велковски на доделувањето на наградите за најдобрите.
Натпреварот се базира на тестирање ученици од 13 до 22 години од цела Македонија, кои ги одмерија своите знаења во апликациите на Microsoft Office – Word, Excel и PowerPoint, односно Adobe Photoshop, Illustrator и InDesign.
Значајно е да се нагласи и дека најдобриот натпреварувач ќе ја има можноста да ја претставува нашата земја на светскиот натпревар во САД, што ќе се одржи во јули годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.