Македонија
Шаќири: Во фокусот на МОН е да креира реформи за спречување на одливот на мозоци

Одливот на мозоци стана тажен рефрен на Западен Балкан, каде што многу млади ги негуваат своите соништа за живот и работа во странство. Велам дека надвор од тоа ова е глобален феномен, но кога ги погодува малите земји, кои сè уште се во развој, последиците се повидливи и почувствителни во сите сегменти на општественото живеење.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на тркалезната маса на тема „Враќање на мозокот во татковината“, организирана од страна на Универзитетот „Мајка Тереза“.
„Морам да кажам дека во фокусот на Министерството за образование и наука е да креира реформски процеси со сериозно пристапување кон оваа појава бидејќи преку изградба на квалитетен и перспективен образовен систем, поддршката на талентите и мерките за усогласување на профилите и образование за потребите на пазарот на труд придонесуваме за создавање најдобри услови и стандард на живеење овде во нашата земја“, рече министерот.
Сметам, потенцира тој, дека треба почесто да зборуваме за причините за останување во татковината, како и да разговараме за начините за враќање на искусните кадри, со цел да се создаде попозитивна и понадежна клима за идните генерации.
„Кога на нешто му пристапуваме како на проблем или како предизвик, треба да се обидеме да најдеме алтернативи за да понудиме решенија“, додаде Шаќири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: 35 пожари низ државата во изминатото деноноќие – четири сè уште активни

Центарот за управување со кризи информира дека во изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 35 пожари на отворен простор низ државата. Од нив 4 се активни, 4 се под контрола, а 27 изгаснати.
Како што известија од ЦУК, активни се пожарите во:
Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Прилеп – помеѓу с. Царевиќ и с. Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Липково – с. Виштица (деградирана шума)
Под контрола се пожарите во:
Велес – с. Џидимирци – с. Крушје – с. Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Демир Хисар – градска депонија (депонија)
Македонски Брод – с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
Изгаснати пожари се евидентирани низ Ранковце, Куманово, Липково, Кратово, Тетово, Свети Николе, Битола, Штип, Делчево, Скопје (Аеродром, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден), Росоман и други општини.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.