Македонија
Тренчевска: Соработката со граѓанските и меѓународните организации е клучна во создавањето хуманитарен одговор во кризните состојби
За Владата и Министерството за труд и социјална политика, грижата за ранливите категории граѓани е приоритет. А како дел од ранливите категории се и бегалците и нивните семејства, кои поради настанати конфликти во својата земја, а со цел да се спасат себеси и своите семејства, се принудени да ги напуштат своите домови и да се упатат на безбедна локација, рече министерката Јованка Тренчевска на настан на кој беше презентирана компаративната анализа „Предизвиците на Ковид-19 во одговор на мигрантите и бегалците во Западен Балкан“, организиран од страна на граѓанската организација „Легис“, а со учество на меѓународниот и граѓанскиот сектор.
„Со цел поддршка на овие лица, а во рамките на остварување на социо-економските права и пристапот до социјалните услуги, Министерството за труд и социјална политика обезбедува здравствено осигурување за лица со признаено право на азил, односно обезбедува здравствена заштита за лица баратели на право на азил сместени во рамките на прифатниот центар“, рече Тренчевска.
Таа информира дека лицата корисници на здравствено осигурување се изедначени со македонските државјани во остварување на правата од доменот на здравствената заштита и имаат идентичен пристап до сите здравствени мерки што беа организирани, конкретно поврзани со пандемијата предизвикана од Ковид-19.
Министерката ја истакна соработката со УНХЦР во обезбедувањето дополнителни средства за помош во панедмијата за ранливите бегалски семејства што престојуваа во нашата земја. Во исто време, во рамките на привремените транзитни центри, мигрантите, кои привремено се сместува во „Винојуг“ или на Табановце имаат пристап до здравствени услуги преку проекти финансирани од Европска Унија, а имплементирани од страна на Меѓународната организација за мигрции. Овие лица за време на пандемискиот период беа соодветно третирани во најблиските здравствени установи и се водеше грижа за нивната здравствена состојба.
„Во прифатно-транзитните центри Министерството за труд и социјална политика преку теренските социјални работници обезбедува помош за ранливите мигранти, врши процена на најдобар интерес и организира упатување кон здравствениот систем или друг вид поддршка во зависност од конкретната социјална анамнеза. Освен пристапот до здравствени услуги и здравствена заштита, сите лица со признаено право на азил имаат пристап до правата и до помош, кои беа обезбедени за корисниците на ГМП во времето на пандемискиот период идентично како другите државјани“, рече Тренчевска.
Покрај досега преземените мерки, генералниот став на Министерството за труд и социјална политика во текот на годините се однесува на обезбедување инклузија и изедначен пристап до правата за лицата со признаено право на азил, без притоа да се создаваат паралелни системи.
„Нашата цел е креирање инклузивно општество, каде што лицата што побараа засолниште во нашата земја имаат пристап до заштита со сите европски стандарди, како и пристап до социо-економските права“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека соработката со хуманитарните и невладините организации е клучна во создавањето хуманитарен одговор во кризните состојби, како и дека таа ќе продолжи и понатаму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

